Тhe Chicago Seven биле седуммина обвинети од страна на федералната американска влада за заговор, поттикнување бунт и други кривични дела, поврзани со анти-виетнамски и контракултурни протести кои се одвивале во Чикаго на крајот на август 1968. Местото е одбрано поради тоа што во исто време и на исто место се одвивала Демократската национална конвенција на која требало да се избере партискиот кандидат за претседателските избори. Првично, во истата група имало и осми обвинет, но неговиот случај бил изземен.
Новиот филм на оваа тема на Аарон Соркин (Few Good Men, Steve Jobs, The Social Network) ја опишува историската позадина и портретира неколку од клучните ликови во целиот случај, на начин кој е истовремено многу информативен но и многу забавен.
Еден од најживописните ликови е оној на Еби Хофман, ко-основач на Младинската меѓународна партија, кој веројатно и во реалниот живот бил таков, но станува уште поинтересен со оглед на тоа што во филмот го игра Саша Барон Коен. Сепак, зафрканциите кои тој и неговиот пријател Џери Рубин, исто така обвинет во случајот, ги правеле во судницата, се вистински. На едно од рочиштата облекле судски одори, дури и пред судијата да одбие приговор од нивниот адвокат викале „одбиено!“, а (ова го нема во филмот) Хофман еднаш дури направил и стој на глава на маса. Koга судијата со исто презиме, Хофман, на почетокот на судењето изјавувил дека не е роднина со обвинетиот, овој реплицирал со „Ама, тато!“. Сепак, кога дошло време да биде главниот сведок на одбраната, тој како да се претворил во друг човек - софистициран, крајно речит и аргументиран, исто како и во филмот.
Изречената казна за него и уште четворица други обвинети (сите од различни активистички групи) е пет години затвор и 5000 долари парична казна (еквивалентно на 33.000 денешни долари). Подоцна повисокиот суд ја укинал пресудата. Сепак, Хофман останал трн во окото на властите, а неговото Еф-би-ај досие изнесувало повеќе од 13.000 страници.
По судењето тој продолжил да работи за левичарски каузи, до 1973, кога бил уаспен за продавање кокаин. Избегал, направил пластична операција за да си го смени ликот, и живеел под различни псевдоними пред повторно да се појави во јавноста во 1980. Издал неколку книги со анархистичка содржина, како „Заеби го системот“ (памфлет од 1967) или „Укради ја оваа книга“ (1971). Бил пронајден мртов во 1989 на возраст од 52 години како последица на предозирање со таблети, што официјално се води како самоубиство.
Текст објавен во Слејт детално ги опишува разликите помеѓу биографиите и филмските претстави и на останатите ликови. Помеѓу нив најинтересен е судијата Џулиус Хофман, роден 1895, кој како и во филмот бил не само недоволно компетентен, туку и лично непријателски настроен кон обвинетите, правејќи местенки (додуша можеби наметнати „од горе“) и често губејќи ги нервите поради нивните испади. Во текот на судењето изрекол десетици прекршоци за непочитување на судот, најмногу на одбраната. Една работа што не е претставена e големата почит која судијата ја имал за архитектот на зградата на судот - Миес ван дер Рое. Тој постојано го опоменувал Кунстлер (адвокатот на одбраната) да не се потпира „дрско“ на говорницата дизајнирана од дер Рое. За жал, неа ја нема во филмот.