Демократијата што ги јаде своите придобивки

Што е тоа „популизам“?

Јан-Вернер Милер предава политика на Принстон. Во август минатата година објави нова книга во која во предвечерјето на победата на Трамп, и во ерата на подемот на популизмот, се обидува да објасни - што е точно тоа од што истовремено се плашиме, а под чие влијание сепак толку лесно потпаѓаме?

Што е разликата помеѓу десничарскиот и левичарскиот популизам? Дали воопшто постои теорија на популизмот, или сето тоа има многу повеќе врска со одредено расположение и емоција? Каде се всушност корените на популизмот, чие сотирање подразбира чепкање и во коренот на самата демократија? Пренесуваме делови од воведот на книгата на Милер, под наслов „Што е популизмот?“

***

Не памтам ниту една изборна кампања во Америка која била толку поврзувана со „популизмот“ како оваа од 2015-2016. И Доналд Трамп и Берни Сандерс се нарекувани „популисти“. Тој термин најчесто се користи како синоним за „противниците на естаблишментот“ и изгледа независен од некои одредени политички идеи; како да е важно само однесувањето, а не и содржината. Оттаму терминот првенствено се поврзува со одредено расположение и чувства: популистите се „лути“, нивните гласачи се „разочарани“ или хронично „незадоволни“. Слично се говори и за политичките лидери во Европа и за нивните слебеници: на пример, Марин ле Пен и Герт Вилдерс обично се означуваат како популисти. Обајцата без сомневање се десничари. Но случајот на Сандерс покажува дека и левичарите добиваат етикети на популисти; таквата етикета ја носи и Сириза во Грција, левичарска коалиција која во јануари 201 ја освои власта, и Подемос во Шпанија, која заедно со Сириза остро се противи на ставот на Меркел дека мерките на штедење се вистински одговор на должничката криза во Европа.

Оваа книга почнува со забелешката дека наспроти толку спомнуваниот популизам, големо прашање е дали знаеме за што зборуваме. Ние едноставно не располагаме со ништо што би личело на теорија на популизмот, а ни недостасуваат и кохерентни критериуми врз основа на кои би одредиле кога политичките актери стануваат популисти во некое осмислено значење на тој збор. На крај на краиштата секој политичар - особено во изборните демократии - сака да му се допадне на „народот“, да раскаже приказна која најголемиот број граѓани ќе ја разбере и да погоди што мисли „обичниот“ свет, а особено што чувствува. Дали е популистот просто успешен политичар кого не го сакаме? Може ли обвинувањето за популизам и самото да е популистичко? И конечно, дали популизмот е всушност „автентичен глас на демократијата“, како што тврди Кристофер Лаш?

Прво, сакам да опишам каков вид политички актери спаѓа во популисти. Тврдам дека неопходен услов за тоа е да бидат критички настроени кон елитите, но овој услов не е доволен. Инаку секој кој го критикува статус кво-то, во Грција, Италија или САД би бил по дефиниција популист.

Освен тоа, популистите секогаш се и антиплуралисти. Тврдат дека тие, и само тие, го претставуваат народот. Да се сетиме на турскиот претседател Ердоган кој наспроти своите многубројни домашни критичари на партискиот конгрес изјавува: „Ние сме народот. А кои сте вие?“ Секако тој знае дека неговите противници се исто така Турци. Полагањето на правото за ексклузивно претставување не е емпириско, тоа е секогаш изразито морално.

За популистите оваа равенка е секогаш точна: секој кој ги опоменува дека не се во право можат да го опишат како неморален и како некој кој не е во вистинска смисла дел од народот. Поинаку кажано, популизмот е секогаш облик на политика на идентитетот (иако сите политики на идентитетот се популистички). Од таквото сфаќање на популизмот како облик на политика на идентитетот чија цел е исклучување следи и сфаќањето дека популизмот е опасен за демократијата. Затоа што демократијата бара плурализам и признавање дека треба да се обезбедат правични услови во кои можеме да живееме заедно како слободни и рамноправни граѓани, но и како граѓани чија различност не се доведува во прашање. Идејата за еден, хомоген, автентичен народ не е ништо друго освен фантазија; како што еднаш рекол Јирген Хабермас, „народ“ може да се појави само во множина. Спомнатата фантазија е опасна, затоа што популистите не само што успешно ги користат конфликтите туку и поттикнуваат поларизација, а кон своите политички противници се однесуваат како кон „непријатели на народот“ и настојуваат сосема да ги исклучат од игра.

Тоа не значи дека сите популисти ќе ги испратат своите непријатели во гулаг или ќе подигнат ѕидови долж границите на својата земја, но не значи ни дека популизмот се сведува на безопасна изборна реторика или на едноставен протест кој ќе спласне штом популистот ќе ја освои власта. Популистите можат да владеат како популисти. Тоа е спротивно на вообичаеното мислење дека популистичките партии се откажуваат од протести штом ќе ги добијат изборите, затоа што логиката вели дека не можат да протестираат против себе во владата. Популистичкото управување го карактеризираат три нешта: обидот да се зграпчи државниот апарат, корупцијата и „масовниот клиенетелизам“ (размена на материјални привилегии или бирократски услуги за политичка поддршка на граѓаните, кои потоа стануваат „клиенти“ на популистите), а тука е и напорот систематски да го потиснат граѓанското општество. Секако, голем број авторитарци постапуваат на ист начин. Разликата е во тоа што популистите го оправдуваат своето однесување со тврдењето дека само тие го претставуваат народот а тоа им дозволува таквите нешта да ги прават отворено и без задршка да ги спроведуваат во пракса. Со тоа се објаснува и зошто разоткривањето на корупција ретко може да им наштети на популистичките лидери. Нивните следбеници на тоа гледаат вака: „Тие тоа го прават за нас“, автентичниот народ.

...Популизмот е опасност за демократијата - нејзин извитоперен облик, кој ветува дека ќе ги врати највисоките демократски идеали („Нека владее народот!“). Со други зборови, опасноста доаѓа од самиот демократски свет - политичките актери кои се извор на таа опасност говорат со јазикот на демократските вредности. Тоа што крајниот резултат е политика која е очигледно антидемократска треба сите да нè загрижи - и покажува дека постои потреба за истенчено политичко просудување, кое ќе ни помогне точно да одредиме каде се завршува демократијата, а каде почнува опасноста.

Извор: Пешчаник

24 јануари 2017 - 08:48