Кај нас баш и нема такви места, или барем ги има снемано. Ќе влезете во антикварен одел на книжарници и ве заплиснува арома која асоцира на отстојана и по малку влажна хартија. Тоа е комплексна мешавина на испарувања произведени од хемикалиите кои се користат за производство на книги. Еден од овие продукти на постепеното распаѓање на книгите се нарекува фурфурал. Неговиот извор е целулозата, па бидејќи постарите книги ја содржат во поголема количество, токму тие и повеќе мирисаат.
Вообичаениот состав на книгите е хартија, кожа, мастило, лепак. Овие компоненти со текот на времето понуваат да се распаѓаат како резултат на оксидација, која може да биде забрзана или успорена поради изложеност на различни нивоа на светлина, топлина и влага. Фурфуралот не е eдинственото органско соединение кое притоа учествува во мирисот на стари книги. Тука има и толуен и етил бензен кои ја даваат „слаткастата“ жичка, бензалдехидот кој исто така мириса на бадем, ванилинот кој - погодувате - мириса на ванила и 2-етил хексанол кој мириса на земја и цветови.
Што се однесува до мирисот на нова книга, и тој доаѓа од истите градбени елементи како и постарите: хартија и материјал за спојување на страниците и корицата. Сепак, додека испарливите органски соединенија кои се испуштаат со распаѓањето на овие елементи остануваат главно исти, хемиските соединенија кои влијаат врз начинот на кој мириса нова книга се различни. Хартијата, мастилото и другите материјали се разликуваат од печатница до печатница, па дури и од наслов до наслов. Тука има голем број хемикалии кои ги нема во старите книги, како каустична сода која се додава за да се зголеми pH вредноста на хартијата, но и многу други.
Ова значи дека кога денес новите книги ќе остарат нема да мирисаат како што денес мирисаат оние старите. Но ова нека не ве загрижува - има голем број освежувачи на простор, свеќи и други производи кои го имитираат мирисот на стара книга. Ако баш сакате можете да си ги прскате новите со нив.
Види претходно: Обидот њујоршка библиотека да мириса како во 1906-та