Што е тоа „емоционален труд“?

Терминот стана централен во актуелната дискусија околу поделбата на домашната работа. Но социологот кој го има смислено вели дека тоа не е неговата коректна употреба.

Еве неколку начини на кои неодамна е дефиниран „емоционалниот труд“:

„Обврски кои се очекуваат од вас, но чие извршување поминува незабележано од другите“ (Њујорк Тајмс)

„Невидлива, бесплатна работа на жените кои тие ја вршат за да бидат средени малите нешта во животот, а кои земени заедно се еднакви на големите работи во животот: лепилото кое ги држи на куп домаќинствата, а со тоа и општествата“ (Мел Магазин)

И најдетално во нова книга од Џема Хартли, под наслов „Смачено: емоционалниот труд, жените и како понатаму“, базиран врз нејзиниот вирален текст од „Харперс Базаар“ од минатата година:

„Емоциналниот труд е комбинација на управување и со емоциите, и со животот. Тоа е неплатена, невидлива работа која ја извршуваме за оние околу нас да бидат задоволни и среќни. Тој вклучува и други термини поврзани со грижата: емоционална работа, ментален товар, ментален труд, управување со домаќинството, службенички труд, невидлив труд.“

Но овој термин не бил отсекогаш користен во овој контекст. Тој прв пат е употребен од социологог Арли Хошчајлд во нејзината книга од 1983 на оваа тема, „Менаџираното срце“. Според неа, емоционалниот труд се однесува на работата која ја вршиме кога си управуваме со сопствените емоции, затоа што вршиме одредена професија која го подразбира истото. На пример стујардеси од кои се очекува да се смешкаат и да бидат пријателски настроени дури и во стресни ситуации. Во последниве години популарноста на изразот е во огромен пораст, со поголем број пребарувања на истиот на Гугл, и поголем број спомнувања во книги и академски текстови.

Притоа најголемата промена е што дискусијата околу емоционалниот труд ја има напуштено оригиналната сфера, работното место, и се има придвижено кон домот. Терминот се користи за голем број нешта, од правење ментални списоци на обврски, пишување Божикни честитки, до тоа да се сетиш да им се јавиш на твоите блиски за роденден. Повеќето од овие нешта, поголемиот дел од времето, ги прават жените, без мажите воопшто и да го забележат нивниот напор. И ова е повеќе од „емоционален“ труд - често вклучува реален, физички труд.

Самата Хошчајлд вели дека дел од овие употреби се пренатегнати и ја замаглуваат суштината - менаџирањето на вознемиреноста потребно за да се извршат обврските, било домашните, било професионалните. И тоа, потсетува таа, не мора да е нешто страшно. Напротив, ваквиот емоционален труд може да е извор на исполнетост, се разбира доколку не оди во празно. Кога некој бара совет, кога се очекува да ја организирате забавата на фирмата, кога дома се потпираат на вашата меморија за родендени и местото на кое стојат нештата - сето тоа подразбира ментален, но често и голем емоционален товар. Целата филозофија е да се научи тој да се менаџира на вистински начин и од тоа да се извлече задоволство.

Извор

Претходно: Иднината им припаѓа на емотивните

28 ноември 2018 - 14:47