Постојано се инсистира децата и младите да се обучуваат за користење компјутери и програмирање, за да можат да бидат подготвени за работните места на иднината, со развивање на аналитички и кодирачки вештини.
Но вистината, според коментаторка на Аеон, е дека само мал процент на луѓе во пост-индустрискиот свет ќе завршат работејќи софтверски инженеринг или биотехнологија. Како што машините на индустриската револуција го направиле физичкиот труд помалку неопходен за луѓето, информатичката револуција нè води во насока на комплементирање на техничката компетенција на компјутерите, а не кон натпревар со неа. Голем број од важните работни места наскоро ќе бараат таканаречени „меки вештини“, а не напредна математика.
Во 1983 социологот Арли Расел Хохшилд го промовираше терминот „емоционален труд“, за да ги опише процесите потребни за менаџирање на емоционалните потреби на работата. Таа ги истражуваше техниките потребни стујардесите да задржат пријателски став соочени со агресивни муштерии: длабоко дишење, тивко потсетување на себеси да останат кул или активирајќи емпатија за насилниот патник.
Денес, рапидното стеснување на индустрискиот сектор значи дека повеќето од оние кои се сега во училишните клупи ќе треба да се подготват за развивање емоционални вештини, без оглед дали директно ќе работат со клиенти, или ќе соработуваат со тим на одреден проект. Компаниите почнуваат повисоко да ги ценат овие квалитети, и тие прават разлика помеѓу кандидат кој се истакнува и оној просечниот.
Историски, ја имаме ингорирано централната улога на емоционалниот труд кога станува збор за излегување во пресрет на потребите и на работниците и на луѓето за кои тие работат. Полицајците (барем во САД), на пример, минуваат 80% од нивното време во „услужни функции“. Секојдневно тие посредуваат во семејни кавги и реагираат на кризи со ментално здравје. Па сепак, обуката на американската полиција речиси ексклузивно се фокусира на користење оружје, тактики за одбрана и кривично право. Оттаму и не е чудно што приказни за луѓе кога ќе се јават во полиција заради збунет член на семејството кој талка среде сообраќај завршуваат со тоа што нивниот сакан е застрелан пред нивни очи.
Промената која ја подразбира потребата за работници со емпатија и талент за смирување на други луѓе подразбира сериозна промена на перспективата. Тоа значи менување на нашето разбирање на академските постигнувања како пат кон успехот. Тоа значи почитување, и подобра плата, за работниците кои пречесто генерички се отфрлаат како „неквалификувана работна сила“. И значи вреднување на вештини кои почесто можат да се најдат помеѓу жени од работничката класа, отколку кај високо образовани мажи.
Но грижата, иако е тешка и малку платена, може да донесе таканаречен „духовен приход“ - станувањето во три наутро за да се грижиш за расплакано бебе или бањањето пациент болен од Алцхајмер може да биде вознемирувачко, но истовремено и многу вредно животно искуство. Но дури кога бебето е наше, и болниот човек ни е роднина, ова е сепак работа, за која треба допрва да развиваме професионален јазик преку кој ќе можеме да зборуваме за неа. Смешкањето и климањето со глава додека клиентот непрекинато дрнда може да биде клучно за потпишувањето на некој важен договор, но во си-вијата обично нема опис од типот „толерира кретени“. Најчесто емоциналниот труд не се сфаќа како работа. Емоционалните вештини засега преку формалното образование се развиваат единствено кај докторите - медицинските факултети најрано сфатија дека овој аспект на нивната работа може да доведе до подобри клинички резултати и до помалку преработени доктори. И ефективноста на овој пристап покажува дека оваа вештина навистина може да се научи.
Така, во САД веќе има тн. SEL (Social and Emotional Learning) програми за деца од основно, кои се фокусираат на развивање емпатија, управување со сопствените емоции и работата со други луѓе. Сепак, овие програми се рекламираат главно како начин за намалување насилство, а не како метод за развивање суштински човечки способности.
Пред нас стои огромна можност, додека роботите и алгоритмите ги истиснуваат луѓето од когнитивната работа. Како општество можеме да одбереме да вложиме повеќе ресурси во обезбедување подобри услови за оние кои пружаат нега и грижа, како и за оние (полицајци, поштенски работници и други) кои доаѓаат во директен контакт со различни типови луѓе. Технолошката ефикасност има постигнато прекрасни нешта. Но метричката ефикасност применета на полето на емоционалниот труд промашува клучно ветување кое го нудеше истиот тој технолошки прогрес - дека кога ќе се отарасиме од рутинската физичка и когнитивна работа, работните места од иднината ќе бидат можност луѓето навистина да се грижат едни за други.