Ефектот Зајгарник (или со германска транскрипција Цајгарник), се припишува на литванско-советскиот психолог Блума Зајгарник (1901-1988). Тој опишува тенденција на човечката меморија подобро да помни прекинати или некомплетирани задачи, отколку оние кои се заокружени. Откако еднаш обврската ќе се заврши, информациите поврзани со неа одат во „рисајкл бин“-от на нашиот мозок, и оттаму доста брзо се бришат.
Зајгарник ја добила идејата откако нејзиниот професор, гешталт психологот Курт Левин, кај кого слушала предавања на Универзитетот Хумболт во Берлин како една од ретките жени, забележал дека келнерите во рестораните подобро ги памтат се уште отворените, ненаплатени нарачки. Откако ќе ја наплателе, веќе не се сеќавале на деталите на нарачката.
Таа дизајнирала серија експерименти за да ги открие процесите на кои се должи овој феномен. Нејзиниот извештај бил објавен во списанието „Психолошки истражувања“ (Psychologische Forschung) во 1927.
Според неа, задача која е веќе поставена создава тензија која го подобрува когнитивното функционирање кога се во прашање релевантните содржини. Тензијата се олабавува по завршувањето, но продолжува да постои доколку е само направена пауза или мал прекин. Доколку целта е содржините да не се заборават и по завршувањето на задачата, тогаш е потребно да се обезбеди континуирана тензија, иако можеби не со истиот интензитет. Пример за ова е учењето странски јазик, кој и покрај совладувањето на одреден степен на знаење, постојано треба да се освежува. Паузите и прекините дури и можат да придонесат за подобро помнење на материјалот, на пример кај деца, каде тие прекини е најдобро да се состојат од игра или од изучување сосема друга тема.
Како едноставна техника ова е нешто што е вообичаено во телевизискиот бизнис. Тука „клифхенгерите“ обезбедуваат дека гледачите нема да се откажат од гледањето на некоја програма или серија, бидејќи сакаат завршница, а не да го мислат она што требало да се разреши како мистерија или ситуација, што им создава тензија. Кај нас попознато како „Ќе се земат ли децата?“.
Види претходно: Што е „цајгарникфрустрацион“?