Постот, и во верска но и во генерална смисла, значи привремена промена на навики кои би требало да го дисциплинираат телото и умот и да го исчистат од буквални и метафорични отрови. Една група луѓе во Силициумската долина наметнува нов тренд, кого некои од нас постојано, и главно безуспешно се обидуваат да го спроведат - да се тргнат од интернет, од нездрава храна и од контакт со напорни луѓе.
Се нарекува „допамински пост“ заради зауздување на работата на овој невротрансмитер во нашиот мозок, кој е одговорен (заслужен, виновен?) за мотивацијата, наградувањето и задоволството. Кај различни луѓе се активира под различни околности, но во научно-популарните текстови обично се врзува со јадење колачи, секс или гледање слики со слатки животни.
Логиката некако држи: ако доволно долго се испосниш од дразбите кои го стимулираат допаминот - интернет, гејминг, шопинг, коцка, мобилни - тогаш можеш да ја преземеш контролата над своето време. Што значи и над својот живот.
Камерон Сепа, професор по клиничка психијатрија на Универзитетот во Сан Франциско го популаризира допаминскиот пост ова лето кога објави водич за практиката на Линкдин. Во него тој вели: „Паузирањето од однесувања кои поттикнуваат големи количества допамин, особено доколку тие се повторуваат, му овозможува на мозокот да се обнови и да дојде на себе“.
Неговиот пристап се базира на Когнитивната бихејвиорална терапија, која помага да се променат некорисните начини на мислење кои влијаат врз однесувањето, и често се користи за третман на зависности. Некои од неговите пациенти одат и во крајност, одбегнувајќи да погледнат други луѓе во очи затоа што тоа „ги вознемирува“.
Сепа не е изумител на терминот „допамински пост“. Тој се користи на интернет форуми од 2016, кога човек по име Грег Кампуис започнал „Допамински предизвик“ на Редит, повикувајќи луѓе да му се придружат на 40-дневен пост од „телевизија, рафиниран шеќер, алкохол, процесирани масти, никотин, рекреативни дроги, кофеин и порно“, истовремено правејќи внимателен избор во врска со времето на јадење, социјалните мрежи и купувањето.
Невронаучниците во сето ова не гледаат ништо лошо, освен едно вообичаено погрешно дефинирање на допаминот како „молекула на задоволство“, што од него прави „лошиот“ во приказната. Тоа дека тој е поврзан со пријатни искуства е затоа што еволутивно ни сигнализира дека тие се добри за нас, и ни овозможува да ги вградиме во меморијата која зависи од контекст. Тоа што во денешно време имаме прелесен пристап до вакви искуства па го „прегреваме“ системот, тоа е наш, а не проблем на допаминот.
Секако, идејата за пост е дамнешна и во основа одлична. Ама ако веќе сте го прочитале текстов (а ние сме го напишале) тоа значи дека барем денес не постиме од интернет. Можеби од утре.
PS. Од домашниот допамин