„Наречете ја Европа бараната цивилизација или хуманизација или прогрес, или едноставно - без фалба или вина, со користење политичка формула - европско демократско движење, Европејците стануваат сè послични едни на други. Но демократизацијата на Европа истовремено е несвесна позадина за култивирање тирани во секоја смисла, вклучително и најдуховната", напиша Фридрих Ниче во „Отаде доброто и злото" во 1886, што е само едно од делата во кое тој ги анализира европскиот идентитет и култура и нивната иднина.
„Добриот Европеец не е оној кој инсистира на договор по која и да е цена. Тоа е оној кој ги почитува европските договори и релевантните национални закони и на тој начин помага да се обезбеди стабилноста на еврозоната", изјави Меркел вечерта пред грчкиот референдум, несвесно цитирајќи го нејзиниот сограѓанин.
Неколку дена подоцна Ниче повторно се „укажа" - овој пат во текст на колумнистот на Њујорк Тајмс, Пол Кругман, кој како што доаѓаа резултатите од референдумот за острото „охи", ги убедуваше Грците дека ако тие одлучат да ја напуштат заедничката валута тоа нема да ги направи „лоши Европејци".
Овој израз - добар/лош Европеец - е користен во бројни современи политички контексти, а оние кои го користат често забораваат дека истиот е промовиран уште од 19 век, од филозофот попознат по неговиот „натчовек" и нихилизмот. Токму првиот концепт подоцна ја поврза неговата филозофија со онаа на нацизмот, но во текот на неговиот живот Ниче всушност токму предупредувал од опасноста Германија да биде зафатена од национализам, спротивставувајќи му ја на германоцентризмот идејата за „добриот Европеец". Според него тој треба да биде политички одговорен, космополитски настроен интелектуалец, кој би ѝ помогнал на Европа - на цела Европа - да си го добие заслуженото место во светот.
Секако, ваквите ставови се прилично широки и отворени за интерпретација, па оттаму не е ни чудно што секој си ги користи како што му одговара. Идејата за „добриот Европеец" ја експлоатираат и оние кои се за штедење (заради континенталната стабилност), но и оние кои го осудуваат штедењето (заради штетата што ја нанесува на некои од европските народи). Еволуцијата на оригиналната визија на Ниче за пан-европскиот граѓанин како да се загубила низ турбулентата историја на Германија во дваесетиот век. А борбата за тоа кој е денешен сопственик на терминот (односно на неговото толкување) ги отсликува различните визии за Европа во 21 век.
Самиот Ниче бил граѓанин на Европа многу пред своето време. Никогаш не се вклопил во ниту еден локален контекст - се откажал од германското државјанство за да може да предава во Базел, Швајцарија, но никогаш пак не ги исполнил условите за швајцарско државјанство. Во текот на 1880-тите главно патувал со еден куфер помеѓу швајцарските Алпи и различни француски, германски и италијански градови. Прекинот на неговото пријателство со тогаш веќе националистички настроениот Рихард Вагнер, и фрустрацијата од тоа каде оди германската култура, го поттикнало да создава нови вредности.
Сепак, дури и тој од време на време бил сентиментален. Во истата горецитирана книга тој во еден момент вели: „Ние 'добрите Европејци' имаме моменти кога си дозволуваме и малку благопријатен национализам, тонење во старите љубови и тесните погледи". Но дури и во ваквите моменти на наводна романтичност, иронијата му е очигледна. Онаа која интелектуалците кои дошле по него очигледно не ја сфатиле, или намерно ја превиделе, а наместо идејата за космополитска Европа многу полесно ја разбрале и ја промовирале онаа за некаков „Супермен", околу која изгледа се согласуваат и хуманистите и на националистите, и левичарите и на десничарите.