Stop! Hammer Time

Што е тоа „цртање со зборови“?

Од тоа кога некој го пее зборот „ниско“ во низок тоналитет, до посуптилни aсоцијации кои се разбирливи само ако се знае малку музичка теорија, ова е интересна техника која е почеста отколку што се очекува.

Стиховите во музичките композиции понекогаш делуваат како да немаат голема наративна и емоционална врска со мелодијата, туку се башка-башка приказни кои морале да се спојат за нештото да може да се пее.

Но техниката на „цртање со зборови“ овозможува ваквиот спој да е органски и, ако не свесно, а тогаш интуитивно да биде забележан.

Има повеќе начини за придружувањето на музика со текст (и обратно). Наједноставно е да се спарат синтаксата на текстот со синтаксата на нотниот запис (кој е исто така јазик како и вербалниот). Но ова е повеќе техничко усогласување, на тоа ритамот на зборовите и нивната должина да се поклопуваaт со оние на мелодијата.

Посложен начин е усогласувањето на значењето на зборовите кое се изразува низ музиката. Некои композитори низ историјата биле толку добри во ова што биле споредувани со сликари во нивната способност да евоцираат слики пред очите на слушателите. Сепак, има и примери на намерно скриено „сликање“, кога еден детал е симболичен за значењето на композицијата, но е тешко дофатлив за „обичниот“ слушател, или пак може да се дознае само ако се прочита нотниот запис. Во последниов случај пораките се повеќе наменети за самите изведувачи.

Највообичаените начини за вербално сликање низ музика вклучуваат избор на тоналитет кој ќе оди со расположението на стиховите генерално (на пример „тажачки“ за некаков ламент). Но поконкретните примери вклучуваат конкретни зборови. Вакви „финти“ содржат на пример ренесансните мадригали. Descendere jussit Olympo (симни се од Олимп) се вели во еден од нив, а стиховите, секаде каде што се појавуваат низ композицијата, се придружени со опаѓачка мелодија, понекогаш и повеќе од октава. Во истиот мадригал текстот „да се поднесат такви удари“ се повторува на нестандарден начин за овој вид композиција, како авторот да сака да го конвертира чувството на тоа да се биде физички тепан преку музички удари.

Неколку векови подоцна, сликањето со зборови е карактеристично и за џез, поп и рок композициите. Во долното видео има голем број примери за истото. Запирање на мелодијата кога се пее „стоп“, и повторно високи ноти за „високо“ а ниски за „ниско“ (или обратно за ироничен или игрив ефект).

Пософистициран начин е играње не со мелодијата туку со акордите. Така, во Every Time We Say Goodbuye на Кол Портер, без оглед на бројните верзии, секогаш кога се пее „колку е чудна промената од дур во мол“ точно тоа и се случува - промена на дурски во молски (потажни) акорди.

Понекогаш спојката е незабележлива за оние кои не го зборуваат јазикот на кој се пее песната. „Деспасито“ на пример на шпански е „бавно“, и токму тоа се случува кога се спомнува овој збор во песната - ритамот забавува од 177 на 142 удари во минута.

Eден од најсуптилните примери е Over the Rainbow од филмот „Волшебникот од Оз“, која во голема мерка ја отсликува приказната на целиот филм. Почнува со скок од цела октава, што го симболизира ненадејното заминување на Дороти од Канзас, за потоа мелодијата повторно да се врати на својот „корен“ односно да нè донесе на почетокот, и со тоа да ја потврди познатата изрека од филмот - „Никаде не е како дома“.

30 август 2021 - 08:14