Еден од термините со кои мака мачиме секогаш кога треба да ја опишеме содржината на некоја книга наспроти „обичниот" роман, збирка раскази или поетска книга, е категоријата non-fiction, чиј превод изгледа нема баш среќно решение. Тоа не е „стручна литература" во смисла на нешто што се користи како учебник по факултети, не е „теорија" туку повеќе проза базирана на факти (на пример биографија), не е „небелетристика", затоа што и „белетристика" е прилично нејасен термин а и затоа што дефинирање со „не" е генерално глупо, а истиот проблем важи и за „нефикција" - ако фикција асоцира на нешто измислено, на лага, тогаш не-фикција е чиста вистина?
И мислевме дека ова е наш (личен и македонско-јазичен проблем) додека не наидовме текст во Гардијан кој почнува вака:
„Некои култури не прават разлика помеѓу фикција и нефикција, и наместо тоа зборуваат за 'приказни'. Дали ова е бариера во англискиот која им стои на патот на писателите и издавачите кои пишуваат на овој јазик? Или тие треба само да научат да уживаат во раскажувањето приказни?"
Босанскиот писател Александар Хемон кому Гардијан му се обратил за мислење изјавил дека ваквата поделба не постои во босанскиот, дека овие зборови „не би ги разбрал просечен (сараевски) такси возач", а дека тој самиот ја опишува сопствената non-fiction или како „вистински приказни" или како „лични есеи".
Во словенските јазици бинарноста фикција/нефикција е поинаку кодирана и има врска со историјата на различните усни и книжевни жанрови. Секако, ова не е карактеристично само за нам блиските култури, туку може да важи и за арапскиот или јазикот гикују кој се зборува во Кенија. Во последниов rũgano значи „приказна" што е најблиску до фикција, но исто така може да значи и историски издржана нарација. Оттаму Kũgana rũgano, да раскажеш приказна, може да значи и двете, и кажување бајка и кажување легенда чии податоци во рамки на заедницата можат да се сметаат за факти. Акцентот притоа не се става на она што се раскажува, туку на самата уметност на раскажувањето. Најдобриот раскажувач е оној кој поттикнува возбуда и очекувања, а потоа ги остварува, без оглед на вистинитоста на приказната. Подеталната поделба е исто така интересна и може да вклучува „измислени приказни", „новости" и „композиции" (состави) кои можат да бидат и вистинити и невистинити. И во коренот на сите нив е усното пренесување, или она што се нарекува „оратура" (наспроти литература).
Истото важи и за арапскиот во која фикција се нарекува „хекаја", „кеса" или „сард". Првите два збора значат приказна, а третиот значи просто раскажување. „Го поздравувам англискиот заради неговата способност да создаде дефинитивни зборови само со додавање на не пред нив", по малку иронично коментира писателот Мохамд Хасан Алван. Тој вели дека фикцијата генерално е релативно нова во арапската култура, и дека таа треба да се смета за изданок од главното дрво на нефикцијата (а не обратно, како во англискиот).
Но дури и во Европа работата не е изедначена. Der Spiegel ги дели изданијата на Sachbücher („книги базирани на факти") и Bеlletristik (користејќи го францускиот термин). Секако, има и гранични случаи, заради кои е измислен терминот erzählendes Sachbuch, наративна нефикција. Има и необични ситуации, кога автобиографија на германскиот Амазон се наоѓа истовремено класифицирана и под „мемоар" и под „зоологија" (затоа што во неа често се споменуваат животни и птици).
Но читателите сакаат да знаат каде се кога купуваат книга, па дури и кога ја читаат. Кажувајќи му некому однапред дека нешто е фикција (дури и кога тоа е само делумно така) може да влијае врз приемот на делото, но недавањето никакви насоки е исто толку збунувачко. Оттаму, секоја поделба која не е врзана само за формата (проза или стих) е однапред осудена на маани. Каква и да е таа треба да се прифати условно, и само како назнака, но не и ригидна дефиниција која го ограничува и авторот, и читателот.
Значи, што е спротивно од фикција? Пак приказна, само спакувана така да звучи како вистина.