Шест албуми за шесте фази на Алцхајмер

„Кертејкер“ е еден од долгорочните проекти на англискиот електронски музичар Лиланд Џејмс Кирби, кој од својот прв албум „Избрани спомени од проколнатата сала за играње“ (1999) се занимава со природата на мемориите и начинот на кој тие се губат, како резултат на старост или на дегенеративни процеси во мозокот.

Последната серија албуми во рамки на проектот „Кертејкер“ на Лиланд Џејмс Кирби под наслов „Секаде на крајот на времето“ трае шест и пол часа, после кои може да бидете скршени, расплакани, или барем поинформирани за тоа што значи да се изгубат спомените и чувството за себе. Станува збор за албуми настанати во период од 2016-2019 година. А нивниот број - шест - не е случаен бидејќи ги претставува шесте фази низ кои минуваат пациентите со Алцхајмер, со серија музички илустрирани симптоми кои полека прогресираат.

Музиката, или поточно амбиенталните звуци траат шест и пол часа, и вклучуваат 50 „песни“. Првиот албум/фаза е многу слушлива и фина - се состои од стари џез мелодии кои создаваат по малку меланхолично но и тину-нину чувство, на несреќа која допрва треба да се случи, а која е нагласена со употреба на ефект на ехо и тивки крцкања.

Втората фаза е слична со тоа што спомнатите ефекти се понагласени. Како спомените да водат битка против невидлива војска, а така е насловена и првата песна од оваа фаза - „Се води поразувачка битка“. Самите мелодии како да се влечат, уморни се и тажни.

Третата фаза е полна со дисторзирачки ефекти, музиката тоне, на моменти скока, се пее фалш. Таа неочекувано запира, а потоа исто толку неочекувано почнува нова песна. Џез музиката е се уште тука, ама е замаглена.

Четвртата фаза веќе не вклучува музика во вообичаената смисла. Има нешто од почетните мелодии но тие траат половина секунда. Тишините се почести, и до некаде пријатни.

Но следната фаза го нарушува тој мир. Музиката преминува во апсолутен хаос. Она што останува од неа е сосема искривоколчено, освен неколку ретки, постабилни моменти кои траат десетина секунди, пред да преминат во мрачни амбиентални звуци.

Финалето не содржи никаква мелодија. Звучи како некој да паѓа во длабока дупка - се уште во сето тоа има живот, но светот онаков каков што го знаевме на почетокот е многу, многу далеку. При самиот крај се вклучуваат гласови кои звучат како ангелски хор. Тоа преминува во апсолутна тишина која трае околу 30 секунди. Потоа албумот завршува.

Сите 6,5 часа можете да ги слушнете тука

Но сосема добро целата работа е опишана и со скратена верзија од 7 минути. Страшно.

5 октомври 2020 - 14:03