Меж го започнала својот „проект“ во 1986, кога имала 23 години. Само што се преселила во Париз од Оверњ, недалеку од Лион, каде татко ѝ водел продавница за авто-делови а мајка ѝ била домаќинка. Во Париз не се дружела со уметници, но одела по музеи и по изложби. Кога ја посетила онаа на познатиот фотограф Жанлуп Сиф во Музејот на современа уметност, воодушевена од неговите портрети кои прикажувале анонимни и „обични“ лица паралелно со оние славните, таа му пишала, велејќи му колку ѝ се допаѓаат неговите дела.
На нејзино изненадување, по неколку дена тој ѝ се јавил. Во дневникот, кој го водела од 1986 до 2008, таа напишала: „Ми се јави. Крајно сум трогната, изненадена, се чувствувам како пијана“. Го замолила да ја слика а тој ја поканил во неговото студио. По еден час сесија, тој ѝ рекол дека во камерата всушност немало филм. Можеби се мајтапел, а можеби ја тестирал. Но иако разочарана, таа продолжила да бара други уметници и да бара од нив да ја сликаат. По неколку месеци, откако ги видел нејзините фотографии кај свои колеги, Сиф ја повикал назад во студиото и конечно ја сликал.
До 1990 Меж веќе имала околу 60 слики, повеќето црно-бели, и речиси сите голи, по нејзина желба. Со заштедата од секретарското работно место во париска болница, таа патувала до Амстердам, Лозана, Базел, Барселона, Прага и Каракас за да се сретне со фотографите. Една од нејзините опсесии бил Џоел-Питер Виткин, американски фотограф кој работел во Ново Мексико, чии фотографии ги видела во фото-списание. На една од сликите жена позирала покрај свежо заклан коњ. Ваквата бизарност ја освоила, па во текот на следните неколку месеци таа му пишала три писма на различни адреси кои можела да ги најде. Не добила одговор, па за нејзиниот четврт обид ја сменила тактиката - побарала од колешка болничарка да ѝ извади крв, и ја поделила на три затворени епрувети. Со секоја од нив спакувала рачно напишана порака и ги испратила за Албукерки, без да ја пријави содржината во пошта.
На Виткин сево ова му ставило голем впечаток и се договорил со неа да се видат во Париз. Откако се сретнале најпрвин направил скица на фотографијата, прототип на она што подоцна ќе стане едно од неговите најпознати дела, „Фетишистката на Негре“ - трибјут на најраната фотографија, референца на негатив од збирката на Музејот д’Орсеј на Шарл Негре, еден од првите професионални уметнички фотографи, кој ја сликал неговата љубовница.
По секоја сесија Меж му барала на уметникот копија, потпишана и со сериски број. Потоа ја архивирала, заедно со сета преписка и документација поврзана со правењето на сликата. Принципот бил да нема никаква размена на пари, само да биде потпишан договор со кој фотографот ѝ дава право да ја изложува или објавува сликата за некомерцијални цели. Во 2008, на 42 години, веќе имала 300 фотографии, од кои одбрала 135 и ги нарекла „збирката“.
За оваа жена и нејзиниот проект сè уште не се знае многу. Освен текст во Њујоркер објавен пред неколку дена, на интернет речиси нема ништо друго. Целата збирка засега ја имаат видено само петмина, главно историчари на фотографија и уметници. Тие се затечени како да го објаснат она што го правела Меж, бидејќи тоа не е обична нарцистичка опседнатост, туку промислен избор на медиуми (уметници, фотографи) кои го регистрирале нејзиното постоење. Еден француски филозоф го предлага зборот „селфадермејд“ за овој вид портрет, кој не е автопортрет, но не е ни сосема непосредуван од сопствената желба за тоа кој ќе го прави и како тој ќе изгледа. Меж така претставува уметник чијшто медиум е друг уметник.
Денес таа живее во село близу Дижон со нејзиниот сопруг - Иранец, специјалист по оториноларингологија, со нивните две деца. Запрашана од страна на репортерот на Њујоркер зошто се одлучила за ваквиот фото-проект, таа одговара дека не се чувствува како уметник, туку дека просто имала силна емоција пред камерата, која има способност „да го замрзне времето“. Иако фотографиите се телесни, и иако таа кон одбраните фотографи се однесувала како сталкер, целта на нејзиниот пристап кон нив бил исклучиво професионален (во 22 години имала авантура само со двајца од фотографите). Во 1996 е направен и краток филм за неа, под наслов „Јас, како Изабел“. И тој, како и големата збирка нејзини фотографии, покажуваат една решителност и долготрајна упорност, да не се биде нечија муза, туку другиот да се употреби (искористи?) како канал за сопствената идеја.