Кога се зборува за материјалниот аспект на книгите, како да има некои услови кои тие треба да ги исполнуваат за да можат да го заслужат овој назив, од тоа да се направени од хартија, да содржат податоци за авторот и издавачот или да имаат таканаречено ИСБН бројче, што значи дека се меѓународно каталогизирани. Но дали „книга“ која се состои од парчиња сирење е книга?
Библиотекарот на катедрата за уметност и дизајн на Универзитетот во Мичиген, Џејм Лауш Вандер Броек го истражува ова прашање, намерно набавувајќи книги за библиотеката во која работи кои ја поттикнуваат ваквата дискусија. Една од нив, на пример, се вика „Кокона“, и претставува гасеница која кога ќе се отвори книгата се претвора во хартиена пеперутка. Друга пак има форма на пита со вишни, и е спакувана во пластична обвивка, како да е вистинско колаче.
Всушност, храната е и најдобар партнер на дизајнот на книги, затоа што формите (на сладолед, зеленчук, овошје) се лесно препознатливи, и особено податливи за детски книги или книги со рецепти.
Но „20 парчиња (кашкавал)“ не е ништо од сето тоа, туку е повеќе провокација и „инсталација“. Притоа не е за занемарување фактот што спакувани ваквите кашкавали во САД чинат околу 3.5 долари, но книгата - танаа! - цели 200.
Библиотеката сега има и проблем со складирање на скапо купената книга од глодари, па таа се чува во посебен несесер кој му ја одржува темепратурата на кашкавалот. Кога и да е тој сепак ќе се расипе и така книгата ќе се самоуништи. Дали тоа било и поентата на нејзиниот автор, да нè натера да мислиме на смртта, додека се грижиме дали кашкавалот ќе мувлоса? Дали и книгите умираат? Наместо многу да му мислат, библиотекарите од Мичиген набргу ќе треба да донесат храбра одлука - дали ќе набават и 10 парчиња леб, за барем да нахранат некој од гладните студенти со неа.