Вуди Харелсон, Кристофер Вокен, Колин Фарел, Сем Роквел и Том Вејтс се дел од екипата на оваа црна комедија со „мета" елементи - Марти е сценарист со пресушена инспирација чиј најдобар пријател, невработен актер, е киднапер на кучиња, кој со партнерот во злосторствата (со симболично име - Кишловски) живее од наградите кои сопствениците му ги даваат кога ќе им ги врати љубимците. Тој толку многу сака да му помогне на другарот во собирањето интересни приказни за новото сценарио, што дава оглас за психопати со насилно, криминално минато, а и самиот во реалноста почнува да го гради ликот на „Џандарот баклава", сериски убиец кој како знак на распознавање зад себе ја остава оваа карта.
Работите се усложнуваат кога „кучкариве" го грабаат кучето на Чарли Костело, криминалец многу понасилен од нив. Тој за одмазда ја убива од рак болната жена на Кишловски, и до крајот ги прогонува оние кои го разделиле од неговото мило ши-цу. Најдоброто од филмот се одвива во пустината на Националниот парк Џошуа три, источно од Лос Ангелес, каде тројцата пријатели доаѓаат за да одберат локации за завршните сцени, кои излегува дека се и навистина завршни, како за филмов така и за животите на нивните ликови. Од тројцата пријатели во престрелката со бандата на Костело жив останува само сценаристот, кој треба да ја дораскаже приказната и да го стави она „тхе енд".
Иако сцени на насилство има многу, сепак најсурови и на граница на гротеска се оние кога еден од психопатите кои се јавуваат на огласот, Захарија Ригби, раскажува за неговата некогашна љубов Меги, со која одлучиле сериски да убиваат сериски убијци, но која ја напуштил затоа што почнала да претерува во изживувањето врз жртвите. Иако му се колне во животот дека ќе му ја испочитува желбата на Захарија да стави порака на крајот од филмот до неа, за тие повторно да се сретнат, Марти заборава на ветувањето, но откако ќе признае дека е виновен, Захарија му простува.
Дали луѓево медицински се навистина психопати, дали бруталноста е и може да биде смешна, дали наслови со бројки (Трите прасиња, Снежана и седумте џуџиња..) се евтин и надминат трик - со вакви прашања се мачи критиката која филмот го има оценето главно млако. За нас филм не може да биде лош ако во него има ваква музика, и - најважно - ако во него глуми Вејтс.
Hank Williams - Angel of Death
The Stone Poneys (feat Linda Ronstadt) - Different Drum (1967)