Вчера, 9.5., на сајтот на ЛитХаб се појави интимен есеј на Џуми Бело, за нејзиното искуство со пишување на дебитантскиот роман „Напуштањето“ (The Leaving), кој требаше да излезе во јули, но чие издавање беше откажано уште во февруари од страна на издавачот, Риверхед Букс.
Во него авторката ги опиша своите маки со тешка ментална болест, самонаметнатите притисоци кои може да ги чувствува еден млад писател обидувајќи се да издаде книга, а истовремено призна дека во романот препишувала, објаснувајќи зошто.
Од ЛитХаб кратко време по објавувањето го повлекоа текстот, „поради неконзистентности во приказната и, што е клучно, уште еден инцидент на плагијаторство во текстот“.
Иронично, но материјалот кој е плагијат се однесува на историјата на плагијаторството - неколку коментатори на социјалните мрежи нашле сличности помеѓу пишувањето на Бело и други извори. Во својот есеј, таа пишува за одлучноста да ја заврши книгата, која е за млада црна жена која останува бремена. Таа вели дека сакала да додаде „книжевни описи“ на бременоста, која лично ја нема искусено, па оттаму и потребата за „надворешен материјал“.
„Си реков дека само позајмувам и го менувам јазикот. Си велев дека ќе ги пренапишам овие делови подоцна во текот на уредувачката фаза. Повторно ќе ја направам оваа приказна моја“, пишува тааа. „Во тие моменти ќе си кажев било што за да се оправдам. Си легнував во 8 наутро на нервна база и се будев на полноќ. Останував будна цела ноќ, пишувајќи со денови. Сакав само да завршам, да бидам повторно во фаза каде што можам да спијам. Размислувајќи за ова сфаќам дека сум си ги игнорирала инстинктите. Ги игнорирав гласовите од внатре кои ми велеат тивко, ова е погрешно, погрешно, погрешно“.