Агенција за преводи од Лондон, Today Translations, на својот сајт објавила оглас за вработување на „емоџи преведувач-специјалист“.
„Преведувањето емотикони е област во зародиш, но таква во која сè уште доминира софтверот, што значи дека тој е недоволно сензибилизиран за различни културни разлики во користењето и толкувањето на иконите“, се вели во огласот. „Оттаму, бараме исклучителен поединец кој би додал човечки аспект онаму каде преводот на софтверот е неадекватен“.
Ова значи дека идниот преведувач ќе треба да ги одредува различните употреби на емотиконите низ светот и да ги преведе на „обичен“ јазик, што понекогаш и не е така лесно како што изгледа на прв поглед - на пример дали две склопени раце треба да се читаат како молитва или „да пукне“.
„Во отсуство на луѓе на кои емотиконите им се ’мајчин јазик’, успешниот кандидат треба да демонстрира страст за емотикони, комбинирана со одлично познавање и свесност за областите на можна конфузија и културни/меѓународни разлики“, додаваат огласувачите.
Кандидатот оттаму треба да има енциклопедиско знаење, односно во мал прст да ја владее Емоџипедија, создадена од „светскиот експерт бр. 1“ Џереми Бурџ во 2013, која се смета за најсеопфатниот ресурс за емоџи во светот. Во моментов таму има над 1850 сликички развиени за различни платформи. Ако тие се некој вид азбука на јазикот на емоџите, тогаш за негово добро познавање навистина е потребен голем напор. Следниот чекор е познавањето на емотиконите да стои во рубриката „познавање странски јазици“ во работните биографии.
Поврзано:
Емоџи - првиот вистински глобален јазик