Вчера, 10.12., беше објавено дека актерката Сара Џесика Паркер ќе биде дел од експертите кои ќе го одберат добитникот на Букеровата награда следната, 2025-та.
Американската актерка изгледа како необичен избор за член на панел за најпрестижната награда за проза на Британија. Но ѕвездата на „Сексот и градот“ во последниве години се има позиционирано во индустријата на книги. Во 2016, таа почна да работи како главен уредник во Хогарт, сестра-фирма на Пингвин, пред да основа своја издавачка куќа, СЏП Лит, во партнерство со независниот издавач Зандо. На својот Инстаграм профил таа често споделува препораки за книги.
Геби Вуд, извршен директор на фондацијата Букер, изјави дека токму тие осврти, кои ја рефлектираат страста на Паркер за современата проза, биле дел од одлуката таа да се придружи на жирито.
Ова не е прв случај актер да биде вклучен во процесот на одлучување. Претходно во него членуваа и Адџоа Андо и Роберт Веб (да, понепознати), кои имаа изјавено дека читањето на толку многу книги колку што им биле испратени (150 романи да се прочитаат во рок од седум месеци) било „невозможна мисија“. [Дополнување од читател: во 2012 член на жирито бил Ден Стивенс, најпознат од серијата Downton Abbey].
Самата Паркер најпрвин била збунета од понудата, но потоа ја прифатила бидејќи во моментов не снима. Сепак, таа го сподели своето мислење дека за жирито размислувала како за луѓе од академските кругови - начитани и со искуство, какво што таа смета дека го нема.
Останатите членови на жирито се Роди Дојл, кој ја доби наградата во 1993, а во него се уште двајца други автори кои се нашле во поширокиот избор (Ајобами Адебајо и Кајли Рид). Петтиот член е критичарот Крис Пауер, кој редовно пишува за Гардијан.