Самоукиот затвореник кој објавува статии во математички списанија

Иако не е најпријатното нешто што може да му се случи некому, престојот во затвор може да го обезбеди потребниот мир за размислување. Во овој пример на човек осуден за убиство, кој сега е ко-автор на статија од областа на теоријата на броеви.

Низ историјата на науката има повеќе примери за математички откритија до кои се дошло во затвор. Веројатно најпознатиот е оној на францускиот математичар Андре Веил (Andre Weil) кој дал свој придонес во алгебарската геометрија, додека во текот на Втората светска војна лежел во воен затвор во Руен, Франција. Уште еден математички џин, Шринивасан Рамануџан, почнал без никакво формално образование по математика и дошол до револуционерни резултати во комплетна изолација.

Во својата автобиографија Веил изјавил дека во затвор постигнал „провидение“ - работите му се разјасниле до степен кој не бил можен доколку бил на слобода. Дека има нешто посебно во врска со математиката и затворите покажува и нов пример, на математичарот Кристофер Хевнс.

Хевнс бил осуден на 25 години затвор во Вашингтон во 2011 за убиство. Ја пронашол својата љубов и својот талент за математика додека бил во самица, неколку месеци по затворањето. Со оглед на тоа што во тој конкретен затвор, а и воопшто по затворските библиотеки, нема баш нешто многу литература за калкулус и теорија на броеви, тој во јануари 2013 му пишал на уредникот на непрофитната организација Mathematical Sciences Publishers, која е издавач на повеќе математички списанија и серии книги: „Во моментов служам 25 години и одлучив да го искористам ова време за самообразование. Бројките станаа моја мисија. Дали би можеле да ми испратите информација за вашето математичко списание? Јас сум самоук и често се задржувам долго време на некој проблем. Тука нема наставници кои би можеле да ми помогнат, па често трошам стотици долари на книги кои можеби, а можеби и не го содржат она што го барам. Ви благодарам“.

Уредникот на списанието го проследил писмото (фото горе) до родителите на својата партнерка, обајцата математичари. Таткото, Умберто Черути, кој се занимава со теорија на броеви и е поранешен професор по математика на Универзитетот во Торино, Италија, се согласил да му помогне на Хевнс. Сепак, се сомневал дека тој е еден од оние самопрогласени генијалци кои имаат развиено некаква откачена теорија за објаснување на тајните на универзумот. За да го тестира, му пратил проблем за решавање.

Одговорот бил 120-сантиметарско парче хартија, на кое била развиена долга и комплицирана формула. Черути ја препишал во компјутерот и на негово изненадување, резултатите биле точни!

По ова, Хевнс бил поканет да работи на проблем кој вклучува континуирани дропки. Тие се пример на моќта на теоријата на броеви, поле кон кое спомнатите Веил и Рамануџан имаат дадено голем придонес. Токму поради развојот на теоријата на броеви се развила и модерната криптографија, денес суштинска во банкарското работење, финансиите и воените комуникации.

Наодите на Хенвс биле објавени во списанието Research in Number Theory во јануари 2020, и тие за прв пат покажале регуларности во апроксимацијата на голема класа на броеви. Станува збор за придонес кон тековните обиди за пронаоѓање нови начини за запишување бројки, што е еден од најголемите проблеми на секој теоретичар на броеви. На пример, постојат суперкомпјутери целосно посветени на пресметување и соодветно запишување на трилиони цифри на бројот „пи“. Но Хевнс на оваа тема работел користејќи само пенкало и хартија во својата ќелија, разменувајќи идеи со своите ко-автори во Италија, преку аналогна преписка која патувала преку океанот.

Хевнс го постигнал ова придржувајќи се на строг распоред кој си го наметнал самиот, запишувајќи се во тн. „Програма за интензивна транзиција“ која се нудела во затворот, за помош на затворениците „да си го најдат патот“. Јадење, математика, миење заби, па пак истото. Проблем било што книгите што му ги праќал Черути биле блокирани од затворските власти бидејќи не доаѓале од „авторизиран продавач“. Хевнс сепак се разбрал со вработените кои му дозволиле да почне Затвориски математички проект, преку кој им објаснувал математика на другите затвореници. За ова тие добиле дозвола за формирање библиотека и просторија за средби два пати неделно. Така книгите успеале да влезат во затворот.

Помагале и разговорите по телефон, во времетраење од 20 минути, колку што му било дозволено дневно. Преку нив се дознало и нешто повеќе за претходниот живот на Хевнс, кој бил исфрлен од средното училиште заради дрога. Долго време бил невработен, немал постојана адреса. Сега тој на математиката гледа како на „начин да си го отплати својот долг кон општеството“.

Кога ќе излезе од затвор Хевнс планира да заврши факултет и покрај проблемите кои можат да искрснат со оглед на неговото минато. И се надева дека ќе го трансформира затворскиот математички проект во непрофитна организација која ќе им нуди помош на затворениците кои се талентирани за математика, иако тоа можеби и не го знаат.

извор

19 мај 2020 - 10:37