Сајтот „Арт лексикон“, кој од страна на својот автор, Влатко Милошевски, е именуван како „книга“ (или можеби има намера да стане тоа) содржи информации за активности на странски сликари, илустратори, графичари, склуптори и уметнички фотографи кои ја посетиле географската територија на Македонија во периодот 1850-1950 и создале дело инспирирано од она што го виделе и доживеале. Лексиконот е резултат на неговата љубов кон колекционерството и 15-годишен труд посветен на документирање на уметнички дела, ретки печатени материјали, репродукции и уметнички книги кои се однесуваат на спомнатата тема.
Сликарите (според слободна проценка стотина на број) се подредени по презиме според латинична абецеда, а за секој од нив има кратка биографија, како и податок кога биле во Македонија, каде точно и кое дело или дела произлегле од ваквиот престој.
По случаен избор ја отворивме биографијата на извесен Алексеј Валилиевич Ханзен, Германец роден во Одеса, кој специјализирал пејзажи, акварели и воени сцени од Првата светска војна. Пропатувал низ Македонија во 1924 и направил најмалку едно дело: „Железница низ Шар планина“ (слика горе, преземена од Лексиконот).
Помеѓу уметниците има и фотографи, како Луис Бикс Хајн, Американец кој ја користел камерата како средство за социјални реформи. Неговите фотографии на имигрантите кои пристигнуваат на островот Елис се едни од најпознатите дела на американската фотографија. Тој ја посетил Македонија во 1918 како дел од својата активност со Американскиот црвен крст, и притоа ја направил оваa слика на турско момче во Солун (преземено од Лексиконот).
Во рубриката „Приказни“ се поместени интересни епизоди поврзани со некои од делата, како оваа под наслов „Таен код сокриен во македонскиот вез“, која е oпис на џејмсбондовскиoт начин на кој извесен германски сликар кодирал пораки скриени во цртежи од македонски народен вез и османлиска калиграфија. Пораките на овој начин ги праќал на германските трупи, и на семејството, одбегнувајќи ја воената цензура.
Му честитаме на авторот за ентузијазмот, и се надеваме дека неговата збирка и сајт ќе растат (добронамерна сугестија: подетална коректура и лектура на македонскиот текст).
Лексиконот може да се разгледа тука.