Во август 1909 во еминентното руско списание за уметност Аполо пристигнало чудно писмо. Ковертот содржел песни напишани со раскошен ракопис, на парфимирана хартија, потпишани само со Ч. Ова го заскокоткало издавачот, Сергеј Маковски, кој подоцна истиот ден добил и телефонски повик. Женскиот глас се претставил како Черубина де Габријак, до тогаш необјавувана поетеса, која сакала да дебитира токму во престижното списание.
Маковски, кому мистериозниот глас му се допаднал, се согласил да ги објави нејзините дела. Така, во октомвриското издание на Аполо се појавиле 12 нејзини песни.
По објавувањето почнале да кружат информации во врска со новото име на руската книжевна сцена. Наводно таа била девојка од француско и полско потекло, која живеела во строго католичко семејство, кое ја спречувало да има контакт со надворешниот свет. Детали од нејзиниот живот се појавувале тук и таму низ песните, како на пример во една која го опишувала грбот на нејзиното семејство (што подразбирало дека таа е од благородничко потекло), но ништо повеќе од тоа. Наскоро нејзини дела почнале да објавуваат и други списанија.
Голем број поети од тоа време станале или крајно завидливи кон успехот на непознатата поетеса, или пак потајно се заљубиле во неа. Таков бил Николај Гумиљов (на фотографијата горе), подоцна еден од најпознатите руски симболисти, кој на де Габријак дури почнал да ѝ праќа и љубовни писма.
Но во ноември 1909 конечно било откриено дека Черубина е измислена личност. Всушност се работело за учителка во основно училиште под име Елисавета Дмитриева, која заедно со поетот Максимилијан Волошин одлучиле да ги измамат современиците. Волошин бил и еден од уредниците во Аполо, и доволно добро го познавал Маковски за да знае како да му пристапи.
Дмитриева била болна од туберклоза во младоста, по што цел живот куцала на едната нога. Далеку од тоа да била некаква принцеза затворена во непристапна кула, таа била учителка по француски и шпански. Претходно неколку пати се обидувала да објави свои песни, меѓу другото и во Аполо, но без успех.
Откако скандалот бил откриен, Маковски и Гумиљов биле шокирани и посрамени. Почнале да шират лаги за Дмитриева, меѓу другото дека вистински автор на нејзините песни е нејзиниот љубовник, Волошин. Кога ова во една прилика било кажано и јавно, Волошин го удрил со ракавица Гумиљов во лице, со тоа предизвикувајќи го на двобој.
Двајцата се сретнале на брегот на реката Чернаја во Ст. Петербург, близу местото каде славниот Пушкин бил ранет пред повеќе од 50 години. Гумиљов, одличен стрелец, пукал во Волошин но промашил, веројатно намерно, а пак пиштолот на вториот неколку пати не испукал како што треба. Двајцата заминале од местото здрави и живи, иако во следните години останале непријатели. Тие станале едни од најзначајните поети на нивното време, а што се однесува до Дмитриева, иако таа продолжила да пишува, никогаш повеќе не ја повторила славата како онаа од времето кога била де Габријак.