Априлилили

Kнижевни л'жги и местенки

Писателите и онака професионално „лажат", но кога на нивните зафрканции ќе наседнат други писатели, е тогаш е вистински априлилили.

Ваквите примери се бројни низ историјата, но еден од најинтересните се има случено пред само неколку години во Франција.

Фредерик Паж (Frédéric Pagès) е француски новинар, најпознат по неговите текстови во сатиричниот неделник „Окованата патка" основан 1915, особено по лажните дневници на жената на парискиот градоначалник, како и на Карла Бруни, сопругата на претседателот Николас Саркози.

Но со оглед на тоа што студирал филозофија тој често пишува и на овие теми, и има објавено две книги „лажна" филозофија под името Жан-Батист Ботул. Првата е излезена 1999 под наслов „Сексуалниот живот на Имануел Кант", а втората во 2004 - „Ниче или демонот на пладнето". Го има основано Здружението на пријатели на Жан-Батист Ботул заради промоција на овој фиктивен филозоф и неговата школа на „ботулизам" (инаку име на ретка но потенцијално смртоносна болест).

И сето ова за некој што знае за кого станува збор е прилично очигледна интелектуална зафрканција. Но во 2010 на неа наседна еден од најизвиканите француски филозофи и „јавни интелектуалци", Анри-Бернар Леви (за него сме пишувале и претходно, пример тука), човекот кој ретко се појавува без бела кошула раскопчана до папок и лежерно разбранувана (сега веќе седа) коса. Тој во својата книга „Војната против филозофијата" (2010) ги цитирал ставовите на Ботул за Кант како да се работи за асли експерт, со кого го дели мислењето дека Кант е преценет во областа. Во серија предавања одржани пред неокантијанци во Парагвај, на кои Ботул наводно зборувал по Втората светска војна, тој го нарекол Кант, херојот на слушателите, апстрактна измама. Леви со сета сериозност ја пренесува оваа случка, користејќи ја како аргумент за сопственото отфрлање на Кант.

Француската јавност му удри бааги сеир на и онака напаѓаниот автор, а некои негови колеги ова го нарекоа „нуклеарен гаф кој покренува прашања околу генералниот метод на Леви". Сакал-нејќел овој мораше да се појави на еден од француските тв канали, и да признае дека се зафркнал, истовремено оддавајќи му почит на новинарот на сатиричниот весник за тоа што напишал брилијантна измама на која наседнале и претходни критичари на книгата кога таа била објавена. „Единственото нешто што можам да го изјавам, без лоши чувства, е браво за писателот", рекол тој.

Од друга страна Паж, доследен на својот хумор изјавил: „Никогаш не било докажано дека Ботул не постои, па оттаму не може ни да се исклучи дека еден ден историјата ќе покаже дека Бернар-Анри Леви бил во право".

1 април 2016 - 09:41