Букбокс читанка

„ДРЖАВНИ НЕПРИЈАТЕЛИ: ПИСАТЕЛИТЕ ВО КОСТЕЦ“ од Бернар-Анри Леви и Мишел Уелбек

Во десниот агол, Бернар-Анри Леви, француски филозоф, новинар и активист со еврејско потекло, кој во Франција дури има добиено и сопствен акроним (BHL), што е рамно на споменик. Во левиот агол, Мишел Уелбек, контроверзниот француски писател, чие дело според многумина се надоврзува на провокативноста на еден Маркиз де Сад или Бодлер, најпознат по романите „Платформа" и „Елементарни честички".

Првиот - надобуден интелектуалец, со месијански амбиции, вечно бела, демек лефтерно раскопчана кошула, развеана коса со џигерици и бројни афери со жени, присутен секаде каде е загрозен светскиот мир, а има камери – по потреба и во вашата дневна соба. Вториот рошав пијаница со дебели цвикери, грд к'о ноќ, длабоко депресивен и песимистичен. „Да се поправа светот е тешка работа, но и тоа мора некој да го прави", е мотото на Леви. „Светот е отиден у курац, и му нема оправање, може само да се навикнеме да го поднесуваме", е отприлика ставот на Уелбек. Оној на кој му паднала на памет идејата за преписка помеѓу овие два дијаметрално различни сензибилитети и појави, и потоа ја објавил во книга, не можел да направи подобар избор, кој однапред ветува контроверза - вербална војна со тешка артилерија, ако треба и физичка пресметка со тастатури по глава.

„Драг Бернар-Анри Леви, ние, како што велат, немаме ништо заедничко, освен една суштинска карактеристика: обајцата сме прилично бедни поединци. Специјалист во фарсични медиумски настапи, ти ги обесчестуваш дури и белите кошули што ги носиш"

Вака почнува првото обраќање на Уелбек до неговиот „ценет" колега, испратено во јануари 2008. Но наспроти атмосферата која ја билда ваквиот почеток, преписката помеѓу овие двајца автори која ќе се одвива во следните шест-седум месеци не е ни од далеку саркастична, ниту пак гневна. Ако тоа било целта на издавачот, да заработи некое евро додека славните француски умови се препелкаат во правта, докажувајќи кој е поголем маж и патриот, малку се зафркнал, или пак тие намерно го зафркнале. Напишани со мирен, исповеден тон, нивните писма се повеќе интроспекции со речиси терапевтска функција за оној кој ги пишува, отколку што се дијалог со другиот и со читателите.

Тоа особено важи за Бернар-Анри, кој како да има потреба по секоја цена да ги образложи и оправда своите филантропски ангажмани, кои многумина ги нарекуваат снобовски, и вината за сопствениот, главно лош имиџ да го припише на заедничките непријатели – новинарите, особено оние од културните рубрики. Дека новинарски напис, па уште и во културна рубрика, би можел да има какво и да е, релевантно општествено влијание, тоа за нас е речиси неразбирливо. Но француското интелектуално милје има не само подолга традиција, туку и поразвиен арсенал на оцрнување на интелектуалните противници, кои одат вон и над отровни колумни и фејсбук коментари.

Жртви на ваква хајка на големите мејнстрим медиуми во Франција се обајцата автори, но за разлика од Леви, Уелбек признава дека тоа во одредени периоди многу го здоболело, без оглед на книжевните награди кои во меѓувреме ги добил, но кои не можеле да ги залечат раните од бескрупулозните новинарски напади на кои секојдневно бил изложен, особено по објавувањето на мемоарите на неговата мајка, во која таа го прави пуздер сопствениот син. Всушност, писмата посветени на детството, и на едниот и на другиот автор, откриваат многу за причините зошто тие се развиле во такви карактери какви што се – емоционално крајно воздржаното, речиси сурово семејство на Уелбек, и сосема обратното, топло и безбедно живеалиште на Леви, сигурно ја формирале основата на нивните светогледи.

Разлики има и во нивното образование: додека Уелбек само почнал да студира агрономија, Леви завршил филозофија на еден од најпрестижните француски универзитети. Оттаму, не е ни чудно што вториов како поддршка или илустрација на своите ставови цитира опскурни поети и мислители од, на пример, францускиот среден век, а Уелбек, иако секако не без ерудиција, повеќе сака да цитира еден Курт Кобејн. Секако, различен е и стилот со кои тие се допишуваат: додека Леви се труди да биде издржан и доследен, често „патронизирајќи" го соговорникот, на кого понекогаш му се обраќа како на помлад брат или син (иако е постар од Уелбек само 8 години), вториот си пишува како што ќе му дојде, држејќи се до двете ставки предложени од Бодлер, како дополнување на списокот на основни човекови права – правото да си противречиш себеси, и да заминеш.

Уелбек всушност и има заминато од Франција, преселувајќи се во Ирска, а како еден од мотивите, освен високите даноци во татковината, го наведува и следново – заминал за да не мора да живее во илузија дека како гласач учествува во градењето на француската демократија, бидејќи според него секое современо 'демократско' уредување е всушност чиста технократија, систем кој се сведува на користење на граѓаните за сопствено одржување и репродуцирање. Тоа е само една од работите кои се тргнати наопаку со човештвото, но за да може некој како Леви тоа да го
разбере, треба од него малку да се отуѓи:

„Понекогаш кога се занимаваме со човечноста мислам дека е важно од време на време да се заземе бактериска гледна точка: намерно ги користам бактериите затоа што некои се опасни, додека други се корисни (оние од јогуртот, на пример). И токму од таа гледна точка, колку што е можно подистанцирана, запрашај се дали човештвото е експеримент кој вреди да се продолжи; измери ја ползата и мааните и, врз основа на резлтатите, обиди се да ги направиш неопходните прилагодувања".

Морам да признаам дека како што ја читав преписката, така се фаќав себеси дека писмата на Леви ги читам дијагонално или бргу ги прелистувам, додека оние на Уелбек дури и ги потцртувам. Тоа само покажува дека таа може да се чита и како збирка есеи на вашиот омилен автор (кој и да е тој од овие двајцата), која има смисла и без оглед на одговорите на неговото познато другарче.

Она што останува како впечаток по исчитувањето на целата книга сепак се сведува на следново, кое Уелбек му го пишува на Леви некаде при крајот на книгата:

„Кога сето ова ќе се потсмири, долго време откако ќе бидеме мртви, некој иден историчар ќе има можност да извлече голема поука од фактот дека ние обајцата, и тоа главно во исто време, сме ја исполнувале улогата на државни непријатели. Ова е само интуиција, која се уште ми изгледа чудна: но верувам дека човекот кој ќе успее да сфати зошто ние двајцата, току различни еден од друг, станавме главните лоши момци на нашата ера, ќе успее да разбере многу нешта за историјата на Франција во овој период".

20 март 2012 - 14:11