Рикен Јамамото добитник на Прицкеровата награда за архитектура за 2024

Во 45 години долгата историја на наградата која се нарекува и „Нобел за архитектура“ ниту една земја нема произведено поголем број добитници од Јапонија. Денес, 05.03., уште еден Јапонец се закити со високото признание, со тоа станувајќи деветти на списокот. 

78-годишниот Рикен Јамамото е годинешниот добитник на Прицкеровата награда за архитектура. Најпознат по своите иновативни проекти за домување и за образовни институции, тој во архитектонските кругови сепак е неочекуван избор. Но во соопштение за јавноста, претседателот на жирито и поранешен добитник Алехандро Аравена го опиша како „архитект кој внесува достоинство во секојдневниот живот, при што нормалноста станува исклучителна, а спокојството води до брилијатност“. 

Во текот на својата кариера, која трае повеќе од пет децении, Јамамото се има посветено на градење заедници во рапидно растечките градови во Јапонија. Од станбени проекти кои ги поттикнуваат жителите на спонтани интеракции, до противпожарни станици со стаклени ѕидови кои го канат минувачот да ѕирне во нив, неговата архитектура има за цел да ги замагли границите помеѓу јавните и приватните димензии. 

Оттаму, Јамамото има повеќе заедничко со поголем број неодамнешни добитници на Прицкер - награда која сè почесто ги фаворизира архитектите кои се фокусираат на социјалната димензија - отколку со претходни јапонски лауреати. Додека нам познатиот архитект - добитник на Прицкер од 1987, Кензо Танге и други негови авангардни колеги, промовирале концептуални „лебдечки“ градови и огромни „мегаструктури“, Јамамото патувал со својот ментор низ повеќе континенти за да види како луѓето живеат во селата. Тој овие патувања ги нарекол „формативни“ и негова почетна точка како архитект. 

Она што тој го сфатил, без оглед дали станува збор за северна Африка или централна Америка, е дека човечките општества традиционално се изградени околу флуиден праг помеѓу приватните и споделените простори. Во модерните метрополи оваа поделба станува многу поостра, на штета на жителите. Во големите градови има мал број заедници или воопшто ги нема. „Понекогаш има 5000 луѓе кои живеат целосно независно од градот и луѓето внатре зградите се исто така независни едни од други...Повеќето Јапонци веруваат дека ова е идеалниот систем. Но јас не се согласувам со тоа“, изјавил Јамамото. 

Минатата година наградата отиде кај британскиот архитект Дејвид Чиперфилд. 

5 март 2024 - 16:46