Повод за ваквиот потег на Докинс, тој да овозможи бесплатно симнување од интернет на неговите книги, била информацијата дека неофицијалниот (читај: пиратски) pdf од неговата „Бог како илузија“ (The God Delusion) на арапски бил симнат 13 милион пати. Во неа Докинс пишува за својата желба „луѓето со отворен ум“ кои ќе ја прочитаат да се отргнат од порокот на религијата. Таа од времето на нејзиното излегување вo 2006 е продадена во 3.3 милиони копии низ светот, но ако бројките за пиратското симнување се реални, тоа е многу помалку од популарноста на книгата на арапски.
Фондацијата за разум и наука на Докинс неодамна се спои со Центарот за проучувања лоциран во Вашингтон. Оваа организација се зафатила со преводи на неколку негови дела во електронски формат на арапски, но и на други јазици кои се зборуваат во исламските земји.Првата книга која ќе биде пуштена во оптек ќе биде „Реката која извира од рајот: дарвинистичко гледиште на животот“, најкратката книга на Докинс, која се однесува на еволуцијата. Таа ќе може да се симнува од сајтот на Центарот.
Гласен критичар на сите религии, Докинс претходно го има нарекувано исламот „најзлата религија на сиот свет...не дека сите муслимани се зли, далеку од тоа. Муслиманите страдаат повеќе од исламот од кој и да е друг“. Имаше и случаи кога беа откажувани настапи на Докинс заради негови коментари во врска со исламот, на што тој одговараше дека е во најмала рака необично што неговите критики на христијанството минуваат без коментар, но кога е во прашање исламот тие се веднаш проблематични.