Низ колекциите на светските музеи, особено оние кои специјализираат во собирање метални предмети и оружје, се појавуваат необични ножеви чија намена не е баш најјасна. Нивната форма, сплескана површина и испакнато врвче, делува како нешто што би служело за на софра, на пример за не баш многу ефикасно сечење печено месо. Но она што ги одделува од обичните ножеви за сервирање е она што е изгравирано на нивните две страни - две различни музички нотации, за верски химни.
На почетокот на вечерата кога ножот бил држен во левата рака со сечилото надолу, видливата нотација и текст на него биле за молитва пред вечера. Кога ножот се држел со сечилото нагоре, тогаш музиката била за молитвата по јадењето. На некои од примероците, освен соодветниот текст на молитвите, е испишан и зборот „Амин“ на нивниот крај.
Ова се сепак само претпоставки, а вистинската намена на ножевите останува мистерија. Такви примероци има во Музејот на Викторија и Алберт во Лондон, три има во Филаделфискиот музеј на уметноста, а по некој примерок има и во Холандија, Австрија, Белгија и Германија. Вкупно се познати само 20 „музички ножеви“. Нотацијата на сите нив е на петолиние со денес стандардниот виолински клуч, а секоја песна трае околу 30 секунди. Можно е цел сет ножеви да бил меѓусебно поврзан, и да содржел различни хармониски делови за да претвори група собрана на маса во хор.
Сега музиката може и да се слушне, и тоа на овој линк, во изведба на хор од Кралскиот музички колеџ.