Катрин „Кеј“ Ендрјус била позната по тоа што на забави и собиранки ги носела своите „фаџ“ колачиња, направени од путер, шеќер и млеко (личат на парчиња наша алва). Рецептот кој се состои од шест состојки сега стои на нејзината надгробна плоча на градските гробишта во Логан, Јута. „Помешајте ги додека да омекнат, истурете ги на мермерна плоча, оладете и јадете“, пишува во него, дополнето со реченицата која се однесува на починатата: „Каде и да оди, носи смеа“.
Ваквиот тип натписи на надгробни споменици се можеби необични, но не и ретки. Уште еден рецепт, овој пат за „Шприц колачи“ (Spritz Cookies) стои на гробот на извесна Наоми Одеса Милер во Бруклин, напишан на плоча во форма на книга. Нејзините деца сакале да се послужат со вообичаен дизајн на Светото писмо, но наместо стихови од него, да го стават рецептот.
Позади рецептите секако има и приказна, а во случајов тоа е биографијата на Наоми како прва генерација Американци во семејство по потекло од Барбадос. Работела во пошта и живеела во Бруклин целиот свој живот. Била и одлична готвачка и знаела куп рецепти, но конкретниов е одбран бидејќи се поврзува со семејните прослави. Иако состојките звучат многу обично, необичното во „шприц“ колачите е нивниот облик, кој се формира или со рачна преса или со шприц.
Надгробна плоча во Израел, пак, содржи рецепт за ролат со ореви. Ајда Клајнман била толку сериозна при неговото правење, што го терала маж ѝ да стои до неа со лењир додека таа го развива тестото, за ролатот да биде долг точно колку тавчето. Тој бил полнет со џем од јагоди, мелени ореви, цимет и шеќер. На гробот, освен рецептот (напишан на хебрејски) има и симбол на хармоника, која ја свирел сопругот Исаја а кој е погребан на истото место. Инструментот е значаен за семејната историја бидејќи тој му помогнал да го преживее холокаустот.
Подготвувањето храна за семејството е очигледно нешто што ги спојува различните генерации и по кое се памтат „златните раце“ на упокоените, кои преку рецептите продолжуваат да бидат дел од заедничките прослави.