Кој може да си дозволи да се нарече уметник? Дали се тоа Чипи Ајтон и Џон Бери, на кои им е потребна помош за да ги држат рацете кренати додека сликаат? Дали е тоа Теренс Бар, кој е делумно слеп, а се занимава со обликување на глина? Дали се тоа луѓето кои можат да создаваат максимум 20 минути дневно, или само оние кои можат физички да седат и да работат со часови?
„Различно поинакви“ е финале на петгодишно партнерство помеѓу Барбикан и хуманитарната организација Хедвеј Ист Лондон која им помага на лица со мозочни повреди. Изложбата е најголемата која некогаш е посветена на луѓе со вакви состојби и вклучува 12 дела од повеќе од 70 уметници.
Во дел од изложените слики публиката е соочена со претстави кои поттикнуваат чувство на очај, опишувајќи ги суровите реалности на тоа како е да се живее во свет кој е главно непријателски настроен кон оние со посебни потреби. На пример, во инсталација под наслов „Седумте демони на хендикепираноста“ се гледаат разнобојни пластични р’бети со черепи на врвот, од кои еден содржи мозок поделен на два дела. Во делото „Јас и Венера“ уметник го поставува своето сопствено тело среде „Раѓањето на Венера“ од Ботичели, доведувајќи ги во прашање стандардите за убавина, совршеност и хендикеп. „Јазикот на Лоренс“ е свиток долг 15 метри со чкртки напишани со молив од Лоренс Керол, чиј главен начин на комуникација е со трепкање.
Уметниците одбрале различни медиумски форми, од наративно видео до масло на платно. Во нив ги споделуваат приказните за тоа како се здобиле со повредите, лични моменти од своите рехабилитациски процеси и што значи за нив да бидат дел од заедница која ги разбира и поддржува, како организаторите на оваа изложба.
„Различно поинакви“ ќе биде отворена до 6 август.