По седумдесетина филмски улоги, пет номинации за Оскар, две добиени статуетки за Филаделфија и Форест Гамп, Хенкс се потврдува и како писател. Неговиот расказ „Алан Бин плус четворица" е објавен во Њујоркер, и не само затоа што неговиот автор е славен, туку и затоа што расказот е навистина добар.
Вистинскиот Алан Бин (на фотографијата) е поранешен астронаут на НАСА, чиј прв лет во вселената бил на Аполо 12, втората мисија со човечки екипаж на месечината. Тогаш тој станал четвртиот кој зачекорил на нејзината површина. Бидејќи да си четврт не е исто што и да си прв, Бин останал релативно непознат до пензионирањето, после кое почнал да се занимава со сликање, како единствен уметник кој во своите дела користи прашина донесена од Месечината.
Е, токму тој Алан Бин е главен лик во приказната на Хенкс, кој исто така глумеше астронаут, во „Аполо 13". Само што во во овој расказ Бин не е човек, туку вселенско летало кое неколкумина ентузијасти се обидуваат да го склопат, а притоа нивната мисија да не излезе „капутник". Освен со поучни детали (на пример дека не постои нешто како „темна страна на месечината"), расказот е полн со хумористични детали и блага иронија, карактеристична за ликот и делото на Хенкс. Впечатокот е до толку посилен ако наместо да го читате, го слушате, прочитан токму со неговиот глас. Еве само извадок, да знаете што да очекувате - додека веселата дружина астронаути ја гледаат Земјата од вселената, ред е во позадината да оди некоја свечена музика. Ама:
„Очекував нешто класично, Хајдн или Џорџ Харисон, но 'Кругот на животот' од Кралот лав ни го обележа издигнувањето на нашата домашна планета над месечината како направена од гипс. Жифти сè! Музика од Дизни? Ама како да ви кажам, тој ритам и тој хор и двојното значење на стиховите ме зграпчија за грло, и почнав да се гушам. Солзи почнаа да ми капат од лицето и ним им се придружија на солзите на останатите, кои лебдеа низ Алан Бин. Ана ме прегрна како да сум и сеуште дечко. Плачевме. Сите плачевме. И вие ќе го сторевте истото".
Целиот расказ тука