Рандонаутика: лажната „квантно генерирана“ игра на авантури

Нова апликација, која станува сè попопуларна, се базира на моменталната локација на корисникот и генератор на случајни броеви, кои компанијата тврди дека можат директно да бидат повлијаени од човечки намери. На тој начин, со комбинација на потсвест и случајност, се генерираат приказни кои понекогаш се ризични и опасни.

Голем број места на кои биле испратени корисниците откако Рандонаутика стана достапна во предпандемискиот февруари не се впечатливи: паркинзи, ливади, брегови на езера и реки. Сепак, некои од искуствата споделени на социјалните мрежи делуваат во најмала рака необично. А највознемирувачки е што луѓе навистина веруваат во теоријата зад играта.

И пред официјалната апликација имало групи луѓе кои како водич за своите авантури користеле код генериран од група програмери наречена „Проект Фатум“ (или Проект судбина). Луѓето во неа работеле на обезбедување случајност при генерирање на онлајн коцкарски резултати. Но теориите на проектот оделе малку подалеку - дека случајните истражувања можат да ги извлечат луѓето од нивните предодредени реалности, со тоа што кодовите/координатите би биле само поттик, а конечниот резултат, дури и при исти координати, е сепак комбинација на личноста, мислите на корисникот и случајноста.

Во октомври 2019 е пуштена страница за ботот, чии совети и дисклејмери покажуваат дека работите брзо излегле или можат да излезат од контрола. На пример, дека Рандонаутувањето најдобро се прави преку ден, со наполнет телефон, без да се влегува во туѓи имоти и почитувајќи ги правилата за социјално дистанцирање. Исто така се препорачува одење во авантура со пријател или во група.

Набргу некоја агенција покажала интерес за изработка на апликација, која од февруари 2020 е симната 10,8 милион пати. Нејзините креатори во интервјуа објаснуваат дека станува збор за „мултимедијална платформа за раскажување приказни“ која поттикнува „перформативна уметност“. Набргу излегоа рандонаутизирани видеа и мемиња, кои често прикажуваат навидум опасни ситуации, кои се намерно монтирани така да изгледаат уште подраматично. Се постираат и претерани или лажни описи на авантурите, како овој, чиј автор никогаш не одговорил на прашањата поврзани со наводното документарно видео.

Пред генерирањето на координатите апликацијата поставува неколку прашања за вашата цел и желба, така што создава впечаток дека тоа игра некаква улога. Потоа дава локација на Гугл мапс која би требало да е резултат на таа интеракција помеѓу умот и машината. Во објаснувањата како се случува овој спој Рандонаутика се расфрла со големи зборови како „квантно“ и „ентропија“, а инспирација на креаторите е извесен Дин Радин, славна личност во областа на парапсихологијата, како и Програмата за истражување на инженерски аномалии на Принстон (PEAR). Рандонаутика тврди дека експеримент од 1998 во склоп на оваа програма ја поддржал идејата дека луѓето можат да контролираат генерирање случајни бројки со нивните мисли, иако самите истражувачи изјавиле дека резултатите од експериментот се далеку од конклузивни. Физичари кои работат со квантни генератори на броеви велат дека целата теорија на играта е „комплетно апсурдна“ и дека тука нема ни „к“ од квантна физика, туку само луѓе кои користат големи научни термини за сето тоа да звучи ко магија.

Насловите како „Не одете да рандонаутирате“ станаа јадица за обратна психологија, особено кај младите, кои масовно постираат рандонаутички видеа на ТикТок со милиони прегледи. Дел американски невладини кои работат со деца објавија предупредувања на социјалните мрежи до родителите, или да не им дозволуваат симнување на оваа апликација или барем да учествуваат во „авантурата“. Не само поради физичките последици од талкање низ шуми или ноќе, туку и поради цицањето лични информации од апликацијата. Рандонаутика на ова одговара со слични совети за безбедност како и некогаш Покемон Го, која ги повикуваше корисниците „да внимаваат“ и да користат „здрав разум“. Што секако многу помага.

извор

1 август 2020 - 10:54