Поздравувањето со ракување постои илјадници години, а популарната теорија е дека гестот почнал како начин на сигнализирање мирољубиви намери - ако раката ти е слободна за да се ракуваш, тогаш во неа не држиш оружје. Друго објаснување е дека тоа бил ритуализиран начин да се запечати некаков договор или врска. Како и да е, навиката да се поздравиш со некого на овој начин е толку длабоко вкоренета, што барем во западната култура луѓето се збунети кога тој ритуален чин изостанува. И од „едно незгодно“, пак го практикуваат, контра сите совети.
Една од најраните претстави на ракување се наоѓа на рељеф од деветиот век п.н.е. кој го прикажува асирскиот крал Шалманасер Трети како се поздравува со вавилонскиот владетел, за на тој начин да сигнализира сојузништво. Хомер во „Илијада“ и „Одисеја“ на неколку пати опишува ракувања, начјесто поврзани со завети и искажување доверба. Гестот е чест мотив на старогрчката погребна уметност - плошите често прикажуваат како починатиот се ракува со член на своето семејство, симболизирајќи или последен поздрав или вечна врска помеѓу живите и мртвите. Во древниот Рим ракувањето често се користело како симбол на пријателство и лојалност, а парови споени дланки имало и на римските монети.
Секојдневното ракување се смета за поскорешен феномен. Некои историчари веруваат дека било популаризирано од квекерите од 17 век, кои го сметале овој гест како поегалитарна алтернатива од наклонот, бакнувањето рака или отпоздравувањето со кревање на шапка. До 19 век веќе постоеле и книги за бон-тон кои вклучувале и исправни односно неисправни начини за ракување. Викторијанскиот се состоел од цврст но не пресилен стисок, а прирачник од 1877 советувал дека „на еден џентлмен кој неучтиво ја притиска раката која му е подадена, или премногу агресивно ја тресе, никогаш не треба да му биде дозволено да го повтори овој престап“.
Во современиот свет, во зависност од земјата и културата, ракувањето е традиционален поздрав за запознавање или честитање, но и при средба на официјални лица. Бон-тонот предвидува тоа да се прави со десна рака (без оглед дали е некој левак), и прво да се поздрават жените, освен во (главно исламски) земји каде ракување со жени не е вообичаено. Додека некој се ракува, другата рака треба да му е слободна, а не во џеб. А постои и ред по кој некој подава рака, според возраст и статус.
Неприфатената рака за поздрав се смета за навреда и сигнал за отворено непријателство или протест. Ракување меѓу политичари, особено од спротивставени страни, е знак за постигнат мир и соработка (иако подадената рака знае да биде таква и само за фотографирање). Во 1963 извесен Ланс Доусон се ракувал со 12,500 луѓе во тек на 10,5 часа, а градоначалникот на Aтлантик сити, Џозеф Лазароф е наведен во Гинисовата книга на рекорди затоа што во 1977 се ракувал со 11,000 луѓе во еден ден, рушејќи го рекордот на Рузвелт со 8,510 ракувања во тек на прием во Белата куќа на 1 јануари 1907.
Ракувањата се познат начин за ширење на патогени кој сега почнува да се заменува со „лактање“, „ногување“ (поздравување со удирање на стапалата наместо со ракување), наклони (како индиското „намасте“) или просто неиницирање контакт. Ако ви се случило деновиве да одбиете ракување шансата да ве прогласиле за арогантен или будала е голема. Од друга страна, историјата запамтила и откачени ликови кои токму преку ракувањето сакале да им пренесат пораки од Господ на луѓето. Како извесен Ричард Вивер од Калифорнија, кој го има добиено прекарот „Човекот-ракување“ поради тоа што се провлекувал низ безбедносните служби за да се ракува со претседателите на САД и на тој начин да им пренесе тајни пораки „од горе“. Moжеби токму како Шелдон од ББТ во оваа сцена: