Новото поле во кое спаѓа оваа статија - културомика - се заснова на обработка на податоци кои вообичаено се дел од општествените науки. Објавена во "Science", статијата се обиде да го процени вистинскиот број зборови во англискиот броејќи ги оние од огромната збирка на Google Books, и дојде до милион, многу повеќе од бројот на зборови во кој и да е постоечки речник на овој јазик (во новото издание на Вебстеровиот се забележани 348,000). Повеќе од половината од јазикот е „темна материја", која е заобиколена од стандардните лексикони. Сепак и во тие навидум широки рамки зборовите се борат за да преживеат, онака како што живите суштества се обидуваат да опстанат во еволутивниот синџир. Особено е остар натпреварот помеѓу синонимите, во кој обично победува поедноставниот од зборовите, „X-ray“ место „Roentgenogram“, или „Loans" наместо подолгото „Loanmoneys".
Статијата исто така го следи користењето на некој збор во тек на подолг временски период, проценувајќи го неговиот животен век. Според резултатите, постои драматична промена во стапката на наталитет и морталитет на зборовите, на сметка на зголемување на нивната смртност. Авторите идентификувале и универзална „точка на пресврт" во животниот циклус на новите зборови. Отприлика 30-50 години по раѓањето, тие или влегуваат во речник и на тој начин си го обезбедуваат опстанокот барем за некое време, или паѓаат во немилост и веќе не се употребуваат, што е веројатно резултат на смената на генерациите. Децата, имено, можат да задржат, но почесто отфрлаат дел од речникот на нивните родители.
Иако стапката на пораст е намалена, англискиот сепак продолжува да расте - за околу 8,500 зборови годишно. Делумна причина за слабата еволуција на јазикот е тоа што (барем англискиот) е веќе толку богат што потребата за нови зборови речиси и да не постои. Би било интересно да се процени ситуацијата со раѓањето и смртта на македонските зборови. Колку од нив, на пример, можете денес да препознаете во оваа македонска народна песна, а притоа да не сте од Охрид? (кликнете под видеото за стиховите)