Во текст објавен во британскиот „Спектатор“, авторката Оливија Фејн тврди дека целата џева околу греењето се крева во последните генерација или две. Пред тоа, луѓето поднесувале малку да ѕемнат, а ако било баш неиздржливо гледале да се облечат во слоеви облека кои знаеле и да им го удвојат обемот на телото. Сега стандардот за температурата на просториите за човечко живеење како да е качен на ниво на стаклени градини за орхидеи, во кои не смее да има ни ронка промаја, затоа што од чист воздух, нели, се настинува.
Бидејќи имала пет деца а мали примања, авторката морала да штеди, па научила да биде и домашна фризерка и шивачка. Но наједноставниот начин за штедење било да се научи да се живее во студена куќа. Ако предците можеле да го сторат тоа, зошто не и ние? - си рекле таа и нејзиниот сопруг.
И тој и таа растеле во такви големи куќи во кои зимите биле навистина студени, до толку што зиме морале да го гребат мразот од прозорците во спалните наутро. Но притоа имале чувство на „морална победа“ над природните елементи и секоја топлина којашто можеле да ја произведат без голем трошок ја ценеле неколкукратно повеќе.
Децата биле лесни за индоктринирање. И нејзините биле убедени дека луѓето кои живеат во топли куќи полесно се разболуваат (нивното семејство не), дека на тој начин стануваат некако меки и лигави. Децата поради студот развиле и добар апетит, бидејќи им биле потребни калории да се згреат, а да не зборуваме за радоста на држење врела супа во рацете.
Топлата купка пак била сигнал за чист луксуз, а легнувањето во кревет рано не се доживувало како казна, туку како начин човек да се стопли под дебелите јоргани. Сопругот и таа носеле волнени капи и дома, што само ги објаснува оние слики од викторијанска Англија на кои луѓето се со „ноќни капчиња“ во своите кревети. Често ги исмевале оние кои живеат на собни температури над 20 степени зиме - што би знаеле тие за вистинската среќа? Ако им е топло цело време, како би ја почувствувале радоста на тоа да ти стане топло?
Потешкотиите настанувале кога во домот требало да дојдат гости или ученици на кои Оливија на кои им држела предавања по латински. Од нивните усти излегувала пареа и тие често се треселе. Но таа имала финта - го истренирала своето куче Рик (големо и со дебело крзно) да седне помеѓу неа и ученикот, велејќи му: „Сакаш ли да учиме малку латински, Рики?“.
Петте деца сега го имаат напуштено домот и имаат свои партнери. На новите членови на семејството им е тешко да ја прифатат филозофијата на студен дом и тоа дека носењето волнена капа дома е скромен, но ефикасен начин да се спаси планетата.