Агеласт (во превод оној кој никогаш не се смее) е видео подкаст на српскиот новинар, некогашно заштитно лице на МТВ Адрија, Галеб Никачевиќ Хасци-Јаре (по татко Сомалиец). Тој во септември 2019 го напушта местото на уредник на порталот Noizz.rs и се посветува на овој свој проект, за кој вели дека го покренал затоа што вообичаените телевизиски формати на интервјуа се покажуваат како површни, јалови, па дури и контрапродуктивни. „Светот се претвори во спот култура: на краткото, брзото и глупото“, вели тој, нудејќи емисии од по два часа муабет на различни теми во камерна атмосфера. И така 34 пати до сега.
Претпоследната емисија од пред една недела е разговор со Дејан Илиќ, основач на издавачката куќа „Фабрика на книги“, редовен колумнист на Пешчаник и теоретичар. Повод е неговата книга „Школо за петпарачки приказни: предлози за поинаква наставна програма“, која излезе во 2016, но која сега во тек на пандемијата добива на актуелност.
Неговата идеја, но како што се гледа и во разговорот, страсно убедување, е дека националниот образовен систем (на Србија, но и на секоја друга земја) не треба да се плаши да ги излуфтира своите застојани сфаќања за „сериозната“ книжевност и култура, и наместо да биде параван или брана за она што се случува во животот на младите вон школото, да проба да ги внесе овие содржини во рамките на своите наставни програми. „Петпарачките“ приказни се веројатно алузија на Палп фикшн на Тарантино но и иронична забелешка за вредноста на популарната култура во очите на „културната образовна елита“. Таа се занесува дека ако на децата им го понуди Хомер без да им објасни зошто „Илијадата“ би требало да им биде важна денес, токму ним, и токму во времето во кое живеат, би успеала да ги направи поначитани и попаметни.
Подобро Хомер Симпсон, отколку Хомер - вели индиректно тој, заговарајќи реформа на наставата, особено по јазик и литература, одвнатре. И да, дури и Цеца, како „канал“ преку кој би можеле да се дискутираат важни теми и да се направи чекор кон светот на младите, наместо да се очекува тие да направат сто чекори во железни цокули кон светот на учените возрасни.
Потребата за промена особено се наметнува сега, во време на пандемија, кога децата и младите се дополнително отуѓени од училиштата. Но за наставниците кои се отворени по дух и на кои и самите им е веќе досадно на еден и ист начин да предаваат, ова е неверојатна можност - да ги внесат поп-културните содржини во предавањата на голема врата и на тој начин да го задржат вниманието. Ова не значи целосно бришење на Шекспир или Толстој, туку просто неинсистирање делата кои се нудат да бидат генијални, најдоброто од цивилизацискиот канон. Многу поважно е тие да кореспондираат со стварноста и да укажуваат на врската помеѓу она што се чита и она што се живее.
Целиот разговор е долг, но не и здодевен, а содржи и интересни анализи на книги и филмови (Хари Потер, Бетмен, Гуд Вил Хантинг итн.). Прави да ни се насолзат очите гледајќи ги содржините во нашите учебници по македонски јазик и литература.