Во филмот „Страв и треперење“ правен според автобиографскиот роман на Амели Нотомб, кој зборува за судирот помеѓу западната и јапонската деловна култура (види Букбокс гледанка тука), авторката опишува ситуација кога долг период не ѝ е дадена никаква продуктивна задача, освен да прави кафе. Кога ќе се побуни, таа е пасивно-агресивно казнета со тоа што треба да копира глупави правила за членови на голф-клуб, така за текстот да биде идеално центриран. Во текот на дејството сведочиме долги сцени кога таа единствено што може да прави е да гледа низ прозорецот.
Сега сфативме дека тоа не било случајно - во Јапонија постои цела неформална култура на „прозорски седачи“ или „зомбиња“ (madogiwa zoku), кои земаат плата но се маргинализирани и игнорирани од своите колеги, најчесто поради тоа што не работат добро. Ова е начин истото индиректно да им се соопшти, но најчесто без можност за оправање. „Зомбито“ нема веќе шанса да се врати помеѓу „луѓето“, туку единствено што може да направи, ако држи до својата чест (а Јапонците држат) е - да си замине.
Но зошто газдите едноставно не ги отпуштат вработените? Законите кои ја покриваат оваа сфера во Јапонија се такви што отпуштените доколу тужат можат лесно да добијат на суд. Токму затоа компаниите сè почесто земаат вработени преку агенции и ги ангажираат хонорарно, бидејќи во тој случај раскинувањето на договорот не се смета за „отпуштање“. Ова функционира со помлади вработени, но кај повозрасните се настапува со психолошки ефект, за на тврдоглавите работници да им текне самите да се пензионираат.
Во игра за маргинализирање се повеќе методи: преселба на работникот во оддалечена канцеларија, давање на некоја бесмислена и повторлива задача (види горе) или неканење на состаноци на кои сите други вработени се присутни.
За некој од Македонија ова би било идеална позиција - ништо не бараат од тебе, немаш никакви обврски, оставен си на раат да медитираш до прозорец, гледајќи во светлата иднина. А платата тече. Но чувството на срам кај Јапонците може да доведе до тешки психолошки последици. Не помалку тешко му е и на надредениот, кој најрадо би го истерал неработникот мафтајќи со катана од канцеларија, ама не смее поради повисоки причини. Така, (не)славната традиција на прозорските зомбиња тивко продолжува.