На интернет постојат многу нешта, па и Светски музеј на - морковот! Тој е посветен на историјата, еволуцијата, науката, социологијата и уметноста на морковите. Мисијата е да образува, информира и да ги забавува посетителите преку своите откритија и изложба на предмети поврзани со ова благородно растение.
Според неговиот куратор Џон Столарчик постојат голем број анегдоти поврзани со морковот, најчесто спомнуван во параболата на „магарето и морковот“ - кога на сиротото животно му врзале морков пред очи за тоа да тегне и да продолжи да оди мислејќи дека ќе го достигне. Нешто слична испаднала приказната за супер-зеленчуковите моќи на морковот, за кого во средината на 20 век се извадило муабет дека го подобрува гледањето ноќе, речиси како оние наочари за „најт вижн“ што ги носат специјалците.
Иако точното потекло на теоријата на морковот не е позната, Стоарчук верува дека таа била промовирана и популаризирана од страна на британското Министерство за информирање, како дел од кампања која требала да има клучно значење за победата на сојузниците.
Во текот на „блицкриг“ операциите од 1940, германската армија често напаѓала под прекривката на мракот. За да им отежни на германските авиони да ги лоцираат метите, британската влада наредила градовите да се затемнат. Кралските воздухопловни сили можеле да ги одбијат германските напади делумно и поради развојот на нова, тајна радарска технологија. Но за ова да остане тајна, Министерството измислило друга причина за својот успех: моркови.
Кога извесен Џон Канингем, со прекар „Мачкини очи“ успеал да уништи импресивен број непријателски авиони и да убие 20 пилоти, од кои 19 акции се одвивале ноќе, Министерството им кажало на весниците дека причината за неговиот успех е што пилотите како него јаделе прекумерно количество моркови.
Не се знае дали Германците се фатиле на јадицата, но има непроверени приказни дека и тие почнале да им даваат на своите пилоти да зобаат, веројатно по логиката дека морковите и онака не би им штетеле, а би можеле да бидат корисни.
Но ако Германците не поверувале, во ова поверувала целата британска јавност. Почнале да кружат реклами поттикнувајќи ги особено родителите да им даваат моркови на своите деца. И онака немало многу што да се јаде - германската блокада на бродовите кои носеле храна резултирале со недостаток на голем број ресурси како шеќер, сланина и путер, па војната можела да се добие на „Фронтот на кујната“, доколку луѓето ги променеле своите навики и го јаделе она што е при рака. „Нели еден час во градина е подобро од еден час чекање ред?“ - гласеле пораките на властите.
Биле измислени ликови како „Доктор Морков“ и „Компирот Петре“, за да се натераат луѓето да јадат повеќе зеленчук, кој го имало во поголеми количини. Морковите биле промовирани и како замена за шеќер во десерти - пудинзи, колачи, мармалад, што денес би го нарекле „здрава храна“. На радио се давале петминутни емисии секој ден со различни рецепти. Целата работа резултирала со тоа што во 1942, Британија имала вишок од 100,000 тони моркови!