Напред требаше да биде поарно

Прогноза од 1969: Како ќе изгледа Југославија во 2000?

Kaков Жил Верн, каков „Вест ворлд“, какви црни дистопии. Видете колку полни со самоувереност и оптимизам биле прогнозите на новинари од некогашна Југославија. Од сето она што не им се остварило, најтрогателно е всушност најбазичното - што за иднината која ја предвиделе им снемало Југословени.

Во шеесетите на минатиот век во телевизиска емисија „Видици“ уредникот на тогашиот весник „Борба“, Стане Станиќ, прави сторија под наслов „Југославија во годината двеилјадита“. Еве како тој сметал дека ќе изгледа земјата по триесетина години.

***

И ние, Југословените, како да сме ставени во некоја ракета која нè носи во иднината.

Кога треба да ги престигнеме оние кои се пред нас?

Истражувачот Свето Стајиќ, врз основа на трендови 1962-1967, прогнозира дека во 1985 би биле на ниво на денешна Франција. Тогаш би остварувале по 2,250 долари по жител, односно би биле во групата високо-индустријализирани земји. Тогаш имено ќе го достигнеме стандардот кого го имаше Шведска во 1965, а која денес спаѓа во една од најбогатите земји на светот. Југославија по триесет години ќе има и десет милиони жители повеќе од денес - околу 30 милиони.

Во меѓувреме светот ќе се промени. 70% од производите со кои се служиме денес до 2000 ќе ги заменат целосно нови.

Чудесни светлосни зраци - ласери, дефинитивно ќе влезат во сите области на животот и ќе создадат целосно нови телекомуникации.

Иднината ќе биде обележана со нови материјали, отпорни на високи температури, супер отпорни ткаенини. Жените ќе купуваат фустани за еден ден, за едно претпладне, поконзервативните мажи одела и за една деценија, и тоа се’ од хартија.

Не е исклучен, иако до крајот на овој век е помалку веројатен, и директен пристап кон човековата меморија, зголемување на интелектуалните способности со непосредно поврзување на човечкиот мозок со компјутери, сето тоа со видно подмладување или продолжување на човечкиот век до 150 години!

За полесно да проживеат 150 години, тие ќе применуваат хемиска и биолошка контрола на карактерот и на интелектуалните процеси. Освен тоа, предвидуваат футуролозите, ќе биде можно, во последните три децении на овој век, вештачко создавање на интелигенција, вештачко растење на нови органи и екстремитети или запирање на нивните витални функции за неколку години па дури и векови.

Во масовна употреба ќе бидат нови, посигурни средства за контрола на уморот, техники на релаксација, поттикнување на виталност, стимуланси за духовна работа и јакнење на индивидуалноста, снагата на перцепцијата, зголемување на имагинацијата и други психички способности.

Во 2000 луѓето ќе се раѓаат со помош на поевтини, попрактични и нови медицински техники. До крајот на овој веќ ќе можеме да го бираме и полот на нашите деца, да влијаеме на основната конституција на поединецот и ако сакаме, да го промениме полот и на возрасен човек.

Брзото и сигурното отстранување на вродени и наследни недостатоци ќе усреќи милиони, а здравјето и верата во живот ќе ги враќа и замената на заболените органи со вештачки, или со трансплантација од други организми.

Нов изглед на лицето, нов пол, промена на тенот или боја на кожата ќе биде многу полесен од денес, а лекарската нега и во неразвиените земји ќе биде со многу висок квалитет.

Човекот на иднината ќе работи со невидени удобности. Ќе има, на пример, повеќе светлина, која ќе ја дава вештачката месечина и други методи за осветлување на големи површини.

Кога човек ќе се умори ќе може и во сон да се забавува. Неговиот ум ќе биде стимулиран, однапред предвиден и програмиран за да може да гледа нешто како кино во кревет, и веројатно во колор.

Автоматски продавници ќе нè снабдуваат со синтетичка храна и со пијалоци полни со протеини, ензими и витамини.

Атмосферата, заради зголеменото количество штетни гасови и зголемената радиоактивност, ќе биде под постојана контрола. Ќе се најдат начини во атмосферата да се уфрлат кислород и разни агенси кои ќе обезбедат што посоодветен воздух и температура за 6 милијарди бели дробови ширум светот.

Сахара и другите пустини ќе се претворат во цветни градини, струјата и другите облици на енергија ќе бидат речиси бесплатни. Футуролозите дури предвидуваат и - исправка на сончевиот систем. Ништо помалку!

Меѓу десетте далечни можности е и таа дека човечкиот век не само што ќе се продолжи на 10 години, туку до бесмртност!

На научниците изгледа и тоа не им е доволно. Тие допуштаат и можност за поправка на човечкиот вид со помош на создавање на нов човек, човек со нови квалитети и форми, потомок на денешниот хомо сапиенс.

Тоа беа некои од темите на емисијата „Југославија во 2000 година“, која ќе ја доживеат две третини од денес живите Југословени.

(април 1969, извор Југопапир)

8 декември 2016 - 09:25