Главна работа со филмов е да не го прекинете на пола. Затоа што во моментот кога ќе помислите дека не може да има побизарна тема за анимиран мјузикл од одземањето на сопствениот живот, конечно ви станува јасно. Дека поигрувајќи си со најтабуизираниот вид смрт, филмот всушност го слави - животот.
Базиран врз истоимениот роман на Жан Туле, кој има доживеано бројни театарски адаптации, тој се одвива во сив град, во кој сите се депресивни и едвај чекаат да заминат од овој суров свет. Иако причината за ваквата епидемија на самоубиства не е јасно назначена, нивниот број е очигледно толку голем што е воведена забрана тоа да се прави во јавност - ако се фрлите под нечија кола на пример ви следи парична казна, која треба да ја платат вашите наследници.
Едно семејство во ваквата ситуација гледа животна прилика - отвараат продавница со различни реквизити за достоинствено одземање на животот во интимноста на вашиот дом. Има тука и јажиња на метро изработени од влакна со различен квалитет, и триста видови отрови, змии, печурки, тарантули, и пакети за парови, и попуст на денот. Особено се ценети мечевите за харакири, кои одат во комплет со бесплатно кимоно.
Мајката Лукреција, таткото Мишима, ќерката Мерлин и синот Винсент (ги препознавате имињата,нели?) се одлични трговци кои спокојно ги сослушуваат своите муштерии, дочекувајќи ги со „Лош ден" и испраќајќи ги не со „Довидување", туку со „Збогум". Иако делуваат како која и да е друга трговска фамилија, тие сепак не остануваат сосема имуни на сиот тој чемер кој секојдневно ги опкружува. Работите од корен се менуваат кога се раѓа третото дете, Ален, кое станува бела овца во семејството.
Насмеан уште од бебе, тој толку го сака животот што тоа најпрвин ги дразни неговите блиски, и ги брка муштериите на кои им е доволен само еден поглед врз него за да се премислат и да не го купат пиштолот со пригушувач по кој се дојдени. Како што расте, тој причини за радост наоѓа кадешто најмалку се очекува, а знае и да ги следи муштериите и да им го расипе планот со самоубиството, овозможувајќи им уште една шанса да се предомислат. На крај, објаснувајќи им на своите другарчиња дека како што тргнала работата на крај сите ќе завршат или ко сираци или ко сираци-самоубијци, тој организира акција на уништување на продавницата, и колективно радување на животот кое магично почнува да се шири низ градот. Добро, не дека пресвртот е убедлив, ама па е убав. Продавницата станува палачинкарница, и мирисите кои ги шири потсетуваат на заборавениот хедонизам.
Филмот е прекрасно иронизирање со сета индустрија на продавање среќа, насмевки и убаво расположение, која таква испразна каква што е повеќе тера на симболичко (па и реално) самоубиство отколку што го слави вистинскиот живот, со сите негови тешкотии. Овој филм и темата со која се занимава не се ништо побизарни од таа бесконечна фрустрирачка идеологија на безгрижност. Некаде помеѓу обете крајности се нашите мали животни задоволства, како гугањето на некое бебе или мирисот на палачинки од кујната.