Под глаголско време се подразбира категорија чија основна улога е да укажува на време на одвивање на некое дејство во однос на моментот на зборувањето. Во основа тоа е начинот на кој зборовите се менуваат за да укажат на тоа каде е лоциран одреден настан во времето споредено со сегашниот момент.
Различни јазици ја решаваат темпоралноста на различни и често, од наш аспект, необични начини.
На пример, „решението“ на западно-гренландскиот е - да нема глаголски времиња. Тоа сепак не значи дека на овој јазик не може да се зборува за минатото. На пример aggirpuq може да значи „тој доаѓа“ или „тој доаѓаше/дојде“, во зависност од контекстот. Сепак, од најголема помош за изразување на минатост е зборот siurna („порано“), кој јасно означува кога нешто се случило во минатото, како siurna aturpara - го користев тоа порано (на принер минатата година). Западногренландскиот не е единствениот кој нема глаголски времиња. Тука спаѓаат и виетнамскиот, јазикот на Маите и австралискиот јазик дирбал.
Наспроти едноставноста на западно-гренландскиот стои искубун бунун, дијалект на австронезиски јазик од Тајван, каде глаголски времиња има четири: одамна минато (или предминато, кое постои и во македонскиот), неодамнешно минато, сегашност и иднина. Неодамнешното минато во некои јазици е и дополнително прецизирано, како во јапонскиот каде „ототои“ значи „пред два дена“, што би рекле ние „завчера“ или „некни“ кое во речникот на македонски е дефинирано како „пред два дена од денес“, но разговорно може да значи и „неодамна, скоро“. Сè подолго од тоа веќе подразбира наведување на бројот на денови, како „пред пет дена“. Назад кон јазикот искубун бунун, истото се прави со вметнување и удвојување на „афикс“ (дел од зборот) внатре ознаката за минато, а не со посебен збор. Така сегашно од лови е „хануп“. Неодамнешно минато, односно ловеше, е х<ин>ануп, а одамна минато е х<инин>ануп.
Но тоа не е сè. Луганда, банту јазик зборуван околку големите африкански езера, разликува: одамна минато, неодамна минато, сегашно, непосредна иднина и блиска иднина. Притоа разликата помеѓу „наскоро“, „веднаш“ или „некогаш“ (во иднината) во овој јазик во голема мера зависи од контекстот и од толкувањето на веројатноста нешто да се случи на самиот говорник.
Кикшт, домороден американски јазик на пацифичкиот северо-запад има дури девет глаголски времиња:
га(л) - најоддалечената форма, користена за настани кои се случиле пред една и повеќе години;
ни(г) - се користи за ситуации од претходната недела до една година; денана(л) - нешта кои се случиле вчера, но можат да се протегаат и неколку дена пред вчера; и
и(г) - користено за настани кои се случиле порано во текот на денешниот ден
За нештата да се уште покомплицирани оваа дистинкција има и подподелби, но за жал, сите нијанси на играње со минатото во овој јазик сега е веќе тешко да се истражуваат бидејќи последниот роден говорник на Кикшт починал во 2012.
За илустрација на глаголски времиња кои ретко ги користиме во македонскиот, еве еден графички приказ на идно прекажано време. Не знаете што е тоа? Лесно е: