Во серијата „Грабнување“ (The Capture) за којашто пишувавме тука има една сцена во која најсовремените начини за манипулација со слики се ставаат во малку поширок историски контекст. Главниот организатор на кампања со лажни снимки со студен тон зборува за оправданоста на целата работа, седејќи во канцеларија на чиј ѕид гордо стои пример за ран фотошоп - сликата „Генерал Грант на Сити поинт“ од 1902. На неа го гледаме генералот Улисис С. Грант, подоцна 18-ти претседател на САД, како позира на коњ со голем број војници во позадината. Иако Грант реално бил на Сити поинт, самата фотографија е комбинација на три различни сцени кои немаат врска ниту со локацијата, ниту со времето кога таа е наводно направена.
Автор на „делото“, кое се наоѓа во каталогот на Конгресната библиотека во Вашингтон, се смета дека е Левин Корбин Хенди, внук на фотографот од Граѓанската војна, Метју Брејди. Хенди работел во доцниот 19-ти и раниот 20-век, правејќи портрети и нудејќи ги своите фото услуги на американската влада.
Еве ги оригиналните фотографии искористени за да се создаде горната слика: главата е од портрет на Грант од 1864 од фотографот Едгар Гај Фоукс.
Телото на коњаникот и коњот се од портрет на генерал-мајор Александар М. МекКук.
Конечно, позадината е фотографија со затвореници на Конфедерацијата од 1864, сликана при битката за Фишер Хил во Вирџинија.
„Екстравагантната фиктивна фузија“, како што се опишува оваа слика, е вклучена во „Лажирање: манипулирана фотографија пред фотошоп“, каталог од изложбата на истата тема во музејот МоМа 2012-2013. Според книгата, негативите кај спомнатиот Хенди се нашле откако починал неговиот роднина Брејди. Хенди ги наследил и од нив правел нови отпечатоци, продавајќи ги сликите на различни публикации. За да ја задоволи потребата од херојски слики од војната, почнал и да ги измислува, повремено замаглувајќи ја линијата помеѓу историскиот факт и фикцијата.
Да се разбуди сега или би бил горд на нештата кои визионерски ги предвидел, или очајно би извикал - „Што направивме?“
Претходно за Улисис Грант: Амузија - вистинската приказна за претседателот што не можел да слуша музика