Приказната зад „Химна на љубовта“ - песната на Едит Пјаф која ги отвори Олимписките игри

„И небото нека падне во морето/И ѕвездите нека се угаснат околу мене/Ќе испеам химна на љубовта/за времето што го поминавме заедно“. Вака гласат стиховите на прекрасната песна на Едит Пјаф, посветена на нејзина голема љубов чиј живот згаснал прерано, со тоа прекинувајќи ја и нивната врска. 

Марсел Сердан бил француски херој - најдобриот боксер на оваа земја на сите времиња и извор на голема национална гордост. Почнал од ништо - како сиромашно дете од Алжир со нок-аут имал победено во над 60 меча пред да се соочи со Џејк „Рејџинг Бул“ ЛаМота, славниот американски боксер портретиран од Роберт де Ниро во филмот од 1980-та, на меч во Детроит. Сердан си го повредил рамото во текот на првата рунда, и морал да се брани само со една рака. Секако, загубил, но одлучноста и борбеноста им оставиле впечаток на сите присутни - сите верувале дека да се борел со две раце сигурно ќе го победел ЛаМота.

Покрај потфатите во рингот, Сердан бил познат и по уште едно освојување - на срцето на најсаканата француска пејачка, Едит Пјаф. Двајцата биле најпознатиот пар во Франција во доцните 1940-ти.

Младоста на Пјаф била обележана со сиромаштија и осаменост. Напуштена од своите родители, таа заработувала со пеење на улица во париската населба Пигал, а ја израснала баба ѝ која држела бордел. Пјаф забременила на 17 години, но детето починало две години подоцна. Пробивот се случил во 1935, кога некој агент ја слушнал како пее и организирал настап во „фенси“ клуб на Шанзелизе. Таа вечер таму бил и францускиот актер и пејач Морис Шевалие, тогаш на врвот од својата кариера. „Малото врапче“ конечно ја добило својата шанса. Следеле куп концерти кои од неа направиле ѕвезда. 

Пјаф го сретнала Сердан во 1947. Нивната врска набргу станала сензација. Тие купиле мал хотел во Париз, како почеток на заеднички живот, иако Сердан тогаш веќе бил женет и татко на три деца. Во септември 1947, Пјаф ја пишува песната „Химна на љубовта“, во која како да предвидува што ќе се случи. Само еден месец подоцна, додека Пјаф е во Њујорк за настап, нестрпливо очекувајќи го пристигнувањето на Сердан за негов реванш-меч со ЛаМота, авионот во кој е боксерот удира во планина близу Азорските острови каде требало да слета за да полни гориво. Погинале сите 48 патници, вклучително и француската виолинистка Жинет Нево. Цела Франција го тажела својот херој. По нивната приказна во 1983 е снимен филм на Клод Лелуш, во кој него го глуми синот, Марсел Сердан помладиот. A песната посветена нему се уште одекнува, неодамна и од врвот на Ајфеловата кула. 

31 јули 2024 - 14:05