Во 1562 синот на кралот Филип, Дон Карлос, паднал од скали и си ја удрил главата. Околу него се собрале најдобрите европски доктори од тоа време, му ја мачкале раната со мед, му пуштале крв, со еден збор правеле сè што ќе им паднело на памет. Но ништо не помагало. Детето очигледно имало некој излив во мозокот, толку силен што го загубил и видот. Во еден момент, кога било јасно дека нема да се извлече, кралот клекнал покрај креветот и направил договор со Бога: ако му помогне, ако му го излекува синот, ќе му возврати со подеднакво чудо.
Одеднаш детето почнало да се чувствува подобро. За еден месец изгледало како никогаш да не доживеало несреќа. Кога конечно почнало да зборува, му раскажало на татка си чуден сон - некој во монашка облека, со избричана глава и остар нос, влегол кај него во соба држејќи крст и му рекол: „Сè ќе биде во ред“.
Кога приказната се расчула никој немал дилема кој би можел да биде чудотворецот: локален монах кој умрел еден век претходно, по име Диего де Алкала. Неговото тело било поврзувано со голем број документирани чуда, а славата му била толку голема, што се пренела дури и прекуокеанот - Сан Диего, Калифорнија е наводно именуван според него.
Ова се поклопило со уште една приказна - дека свештенството и самиот крал во момент на очај пред можната смрт на детето го изнеле телото на светецот од гробницата, го носеле по улиците и го ставиле во креветот на болниот.
Kaко и да е, Филип Втори сега е на потег - треба да смисли доволно добар подарок и за човештвото и за Бога. Оди кај тогаш познат часовничар, крупен како бик, опишан како нечист и крастав, но одличен во својот занает. Се викал Хуанело Туријано. Кралот од него побарал ни помалку ни повеќе туку механичка верзија на Диего де Алкала. Монах-робот. Висок околу 40 сантиметри, направен од дрво и железо. Со вообичаената францисканска одора, сандали, бројаница, крст. Кога ќе се навие (а тоа може да се стори и денес, 450 години подоцна, во музејот Смитсонијан во Вашингтон), тој прво полека чекори. Потоа главата му се врти, устата му се отвара и затвора, и прави гест со удирање по градите - вообичаен католички симбол на „меа кулпа“. Потоа раката која го држи крстот почнува да се движи и го приближува крстот кон устата, бакнувајќи го. По некое време монахот целосно се врти и почнува да оди во спротивниот правец, и така додека не се навие повторно.
Зошто кралот на Шпанија, во тоа време владетел со светско влијание, би се одлучил токму ова да биде неговото „чудо“? Можеби бил пред своето време и предвидел дека механичките и електронските „чуда“ по некое (долго) време ќе ги заменат боговите на небесата по начинот на кој ќе ги обожуваме. А можеби само сакал на овој начин да го оживее ликот на добриот монах кој го излекувал неговиот син, и да му порача на светот - вака се практикува верата, со носење на сопствениот крст и со тивко изговорена молитва.