Годината е 1896. Адолф Сајмон Окс е тазе сопственик на Њујорк Тајмс, банкротиран весник кого го купува со позајмени пари, за 75.000 долари. За да се издвои од сензационалистичкот жолт печат „од дното“, тој одбива да објавува реклами кои се нечесни или невкусни, и инсистира на вести и репортажи кои се базираат на факти. Во време кога продажбата опаднала а трошоците станале многу високи, тој го спасува весникот со тоа што ја спушта цената од три на само еден цент, привлекувајќи ги оние читатели кои претходно се одлучувале за поевтините весници само заради нивната цена. Воведува прилог во весникот со книжевни критики, и воспоставува индекс на весникот, за да овозможи пристап на јавноста до точен изворен материјал. За да ги отслика своите напори во дефинирањето на карактерот на својот производ, тој го смислува и мотото на весникот, кое се користи и денес - „Сите вести што се соодветни за печатење“.
Секако, изразот е честа тема на дебата, особено кога на Њујорк Тајмс ќе му се „лизне“ вест која не е баш конзистентна со овие седум зборови. Повеќе од еден век тие се користени и како поддршка, но и како критика на весникот, и внатре редакцијата, и вон неа.
Во една таква случка, во 1960, сенаторот Рајт Патман од Тeксас побарал од Федералната трговска комисија да испита дали мотото всушност претставува лажно рекламирање.
„Сигурно ова сомнително тврдење има тенденција да направи јавноста да верува дека Њујорк Тајмс е супериорен во однос на други весници“, напишал Патман. Комисијата одбила да поведе ваква истрага, велејќи дека не верува дека постојат објективни стандарди според кои би се оценило што е, а што не е „соодветно за печатење“.
Всушност мотото прв пат било објавено не на насловната на весникот, туку на неонски знак на Медисон сквер во октомври 1896. Тогаш било понудено 100 долари за фраза од 10 или помалку зборови која ќе ги изрази посебните својства на весникот, а која ќе биде подобра од онаа која ја смислил Окс. Пристигнале стотици предлози ,некои од нив смешни и со рима (As bright as a star and there you are), до посериозни како „Секогаш чесни, никогаш досадни“, и победникот „Сите светски вести, ни никогаш скандали“. Сепак, и покрај тоа што ја исплатил наградата, весникот си останал со истото мото, кое денес е поактуелно од кога и да е, со оглед на несоодветноста (лажноста, претераноста, површноста) на голем дел од она што се печати.