Чарлс Брн се родил во 1761, откако наводно бил зачнат на висок стог сено, што било популарното објаснување за неговата невообичаена висина од скоро 2,5 метри. Во доцните тинејџерски години одлучил да замине од родната Ирска во Британија во потрага по слава и пари. Кога пристигнал во Шкотска жителите на Единбург биле вчудоневидени од глетката како џин си го пали лулето од улична лампа на Северниот мост, без притоа да се поткачува на прсти.
На 21 година веќе настапувал во Лондон, каде го нарекувале „Модерен Колос“ или „Ирскиот џин“. Иако бил огромен, имал добро срце и мил карактер. Неговата висина била резултат на тогаш непознато пореметување на растот, акромегалија, која сепак му предизвикувала здравствени проблеми. Починал многу брзо по првичните настапи, на само 22 години.
Брн живеел во Лондон истовремено со познатиот хирург и анатом Џон Хантер, кој имал репутација на собирач на необични примероци за својот приватен музеј. Уште за време на животот му понудил пари на Брн за неговото тело. Плашејќи се дека ќе биде сециран и касапен, Брн направил план - се договорил со пријатели дека кога ќе умре, неговото тело ќе биде запечатено во оловен сандак и ќе биде фрлено во море. Но Хантер некако дознал за ова, па трупот бил киднапиран на пат кон морето. Го свел на скелет и го поставил, четири години подоцна, во музејот Хантеријан, во склоп на Кралскиот колеџ на хирурзи.
Таму стои и денес, по скоро два века, и покрај тоа што во меѓувреме поголем број доктори и професори по медицинска етика го нагласувале фактот дека изложувањето е направено спротивно на желбата на умрениот и дека тој треба да биде погребан во море.
Сега авторката Хилари Мантел, која во 1998 напиша фикционализирана биографија, „Џинот О’Брајен“ го актуелизира прашањето, со оглед на реновирањето на музејот кое е во тек, што е одлична прилика за исправање на работите. ДНК-та на Брн е веќе извадена и секвенцирана, и се користи во медицински истражувања. Во негово време употребата на телесни остатоци за анатомски цели или за музејско прикажување било резервирано за предавници и убијци. Таа, како и оние кои ја поддржуваат, се надева дека музејот ќе ги земе предвид нивните повици, и дека до 2022 кога е закажано повторното отворање, скелетот веќе нема да биде таму.