„Фу-го“ е назив на оружје кое Јапонија го лансирала во текот на Втората светска војна. Станува збор за балон, чиј товар варирал од 5-15 килограми, а содржел бомби заврзани со јаженца за телото на балонот. Ова било осмислено како евтино оружје кое до САД требало да пристигне користејќи ги воздушните струи над Пацификот а потоа потенцијално да ги исфрли бомбите врз американските градови.
Ова било првото оружје со интерконтинентален опсег, а истовремено нападите биле со најголем познат домет до тогаш. Рекордот бил надминат дури во 1982 со операцијата „Блек Бак“ во текот на Фолкландската криза.
Целта на балоните било да поттикнат страв кај Американците, иако нивниот реален ефект бил минимален. Јапонците очекувале 10% од 9000-те балони да стигнат до Америка, што веројатно и се случило. 300 бомби биле пронајдени или биле видени во САД. Но можно е голем број да паднале во ненаселени места.
Сепак, жртви имало. На 5 мај 1945 еден фу-го експлодирал на планината Герхарт во Орегон. Експлозијата била причина за смрт на 26-годишна бремена жена и пет деца, кои тука дошле на екскурзија од верското училиште со својот наставник, пасторот Арчи Мичел, сопруг на погинатата. Тие го пронашле балонот и се обиделе да сфатат за што станува збор, при што некое од децата најверојатно го клоцнал и ја активирало бомбата.
Од денешен аспект ова е примитивно оружје кое е еквивалент на порака во шише фрлено во океанот. Балоните биле направени не од гума или од винил туку од специјален тип хартија од ориз. Тие морале да бидат огромни, но носеле пропроционално мал товар, кој се состоел од висиномери, батерии, запаливи бомби (за започнување на шумски пожари) и систем за контрола на одржување висина со помош на товар. Водородниот гас овозможувал кревање на балонот. Немало никаква навигациска справа туку целата идеја се базирала на воздушната струја откриена во 1926 од јапонскиот научник Васабуро Ооиши, кој додуша не добил поддршка од своите колеги (можеби затоа што научната статија ја објавил на есперанто, за да стигне до што е можно повеќе читатели).
Американската армија најпрвин молчела за овие напади, но по инцидентот во Орегон морала да ги обелодени. Всушност додека ова се случило, Јапонците веќе почнале да ја напуштаат операцијата, со оглед на големите трошоци а малиот ефект. Последниот ваков балон бил лансиран во април 1945.