27. март - светски ден на театарот

Претстава која трае цел ден

На меѓународниот ден на штиците што живот значат, ви поставуваме едно хипотетичко прашање - дали би издржале претстава од 24 часа?

 

Од минута до полноќ на 12 април, па до минута до полноќ на 13-ти, во театарот Барбикан во Лондон ќе се одржи Quizoola!, претстава која се базира врз тоа што шестмината актери си поставуваат еден на друг илјадници прашања. Таа претходно веќе се давала во шестчасовна верзија, но сега за неа се продаваат билети за 12 и 24 часа. Бидејќи претходно во оптек биле само (?) околу 2000 прашања, сега трупата на нејзиниот сајт бара помош од гледачите да испратат свои предлози - тоа можете да го сторите тука, а ќе има и линк за следење на целата претстава во живо.

Дури и во време на масивно и масовно скратување на опсегот на внимание, кога претставите главно се прават така за да траат максимум 90 минути, се уште има луѓе на кои долготрајноста на некое доживување им значи. Тоа е и некаков тест, на способноста да се задржи концентрацијата но и на тоа човек на тоа да се обврзе да вложи значаен дел од својот живот (24 часа) во едно вакво искуство.

Но обично се заборава дека истите искушенија важат и за актерите - додека публиката сепак може да излезе на цигара или нешто да касне, тие мора да бидат на штрек, дури и во ситуација на крајна исцрпеност. На крајот нивниот напор, и вашата посветеност прават на малку поинаков начин да гледате на тоа количество време, кое во човечки рамки се нарекува еден ден.

27 март 2013 - 15:27