„Во 2000-тата веројатно ќе бидам во вселенски брод кон месечината, давајќи им наредби на роботи“, вели едно момче на школска возраст во снимка од 1966. „Или ако нешто тргне наопаку со атомските бомби, можеби ќе се враќам во мојата пештера, после лов“. Оваа дуалност помеѓу технолошкиот оптимизам и автодеструкцијата била вообичаена за ерата на Студената војна, а на неа не останувале имуни ни децата.
Во серија интервјуа за Би-би-си под наслов „Светот на утрешнината“, тие главно имаат мрачна визија за следниот милениум. „Од бомбите ќе се направи огромен кратер, и целиот свет ќе се стопи во него“, вели едно од нив.
Едно од девојчињата меѓу нив пак звучи многу резигнирано: „Не може ништо да направиме за да го сопреме ова. Колку што има повеќе оружје, толку е поголема шансата дека некој ќе го искористи еден ден“. Дури и оние кои не се секираат за војни и оружја, предвидуваат други проблеми: „Ќе има голема автоматизација. Луѓето ќе останат без работа, и тоа голем број од населението, и мислам дека нешто мора да се стори во врска со тоа“.
Ставот дека компјутерите го владеат светот веќе бил присутен кај некои од испитаниците уште пред половина век. „Во годината 2000-та единствените работни места ќе бидат за луѓе со висок коефициент на интелигенција, кои ќе можат да работат на компјутери и слични нешта“. Уште еден негативен фактор согледан од децата е пренаселеноста, која ќе биде толку екстремна што „или секој ќе живее во големи кули во Сахара, или под вода“. А ќе има многу вода односно мориња под кои би можело да се живее, бидејќи како што резонира едно од момчињата, кога тоа ќе се подигне ќе покрие сè „освен висорамнините на Шкотска и некои високи ридови во Англија и Велс“.
Помалку драматично но некако поморничаво, некои од учениците стравуваат од обратното, од смртоносна досада: „Сè ќе биде исто. Луѓето ќе бидат исти; нештата ќе бидат исти“.
Она за што повеќето коментатори под видеото на Јутјуб се согласуваат, е дека иако предвидените мрачни сценарија не се целосно остварени ни во 2021 (без опуштање, шансите се уште тука), она што е јасно е колку опаднала моќта на артикулација на денешната младина. Можеби тоа е најреалната дистопија, која ниту едно од децата во интервјуата не ја предвидело.