Една од огромните предности на интровертите во текот на пандемијата е што тие се и онака навикнати на ограничени социјални контакти и добро се чувствуваат изолирани од вревата на секојдневието. До скоро доминантната култура ги славеше и ги наградуваше екстровертите, особено на работните места. Но наместо да се бира што е подобро, дали резервираност и повлеченост или отвореност и пристапност, изгледа дека може да се зборува за нешто трето, комбинација на овие две крајности.
Терминот „предност на амбивертните“ е на Адам Грант, профeсор по психологија на Универзитетот Пенсилванија, од неговата студија од 2013, која ги става под прашање ставовите дека екстровертите се поуспешни и попродуктивни во продажните професии, каде стереотипно се потребни ваквите карактеристики.
По проучување на 340 вработени во центри за повици, Грант сфатил дека најдобри резултати имале оние кои спаѓале некаде на средината на скалата на екстровертност. Тоа според него се должело на фактот што тие природно се прилагодувале на ситуациите, односно имале флексибилна шема на зборување и слушање - ниту претерувале во притисокот кон потенцијалниот купувач, ниту пак лесно се откажувале и повлекувале.
Карл Мур од Универзитетот Оксфорд, кој ги проучува амбивертите со години, проценува дека 40% од топ бизнис раководителите се екстроверти, 40% се интроверти а 20% се „вистински амбиверти“, но дека оваа ситуација ќе се промени под влијание на пандемијата, која подразбира малку „кочење“ во амбициите и нахалноста, и повеќе емпатија кон другите.
Во неговата книга која ќе излезе набргу, „Сите сме сега амбиверти“, Мур вели дека и актуелно, но и во блиска иднина, шефовите ќе треба повеќе да слушаат за да обезбедат здрава работна околина, но и дека ќе треба да истапуваат со јасен ентузијазам, со кој би го воделе тимот во непознатото.
Секако амбивертноста не помага само во трговијата туку и во сите други професии - важно е да се развие чувство кога да се притисне копчето за повлеченост а кога има простор за поголема отвореност. Да се биде амбиверт значи да се биде свесен за сопствениот природен табиет, и да се знае кога ситуацијата го бара точно спротивното.