1948 не била баш добра година за алкохолот. Прохибицијата се случила и поминала, па производителите сега требало да смислат нови стратегии за продажба на нешто што веќе не потпаѓало под „забранетото е најслатко“.
Сиграм (Seagram) во тоа време била канадска дестилерија за виски од Ватерло, Онтарио. Иако воспоставена во 1857, значи со долга традиција, таа сепак морала да лансира добра маркетинг кампања за да ја зголеми продажбата. Во тек на 11 денови, бил организиран патувачки перформанс, кој меѓу другото се состоел од двочасовна професионална театарска претстава за животот на еден продавач на виски, изложба на производи и секако бесплатни пијачки. Но вистинскиот настан бил - нивното слајдшоу.
Всушност, да се нарече „Витарамата“ на Сиграм слајдшоу е потценувачки. Тоа е повеќе сетилно искуство - стотици слики од процесот на дестилација придружени со музика, кои биле проектирани преку пет големи екрани. Инспирирана од изложбата на Истмен Кодак на Светскиот саем од 1939, Сиграм-Витарама е првата аудио-видео презентација која некогаш била направена на продажен настан.
Ова во 1940-тите било новина. Но веќе до раните 1960-ти, речиси сите компании со буџети за национално рекламирање користеле мултимедија - 16-милиметарски проектори, слајд проектори, графоскопи. Голем број вработени во овие сектори биле повеќе шоумени отколку техничари. Од деновите на Витарама, компаниите ја користат драматичната моќ на сликите за да ги продадат своите идеи и производи на светот.
Пред Пауер Поинт-от и многу пред дигиталните проектори, слајдовите направени на 35-милиметарски филм биле главните. Поголеми, јасни и помалку скапи од 16-милиметарските, а со поживи бои и со повисока резолуција од видеа, тие биле единствениот медиум за презентации користен од извршните директори и високите корпоративни ешалони на годишни средби на акционери, вработени и трговци. За тие да бидат навистина добри, била потребна мала армија продуценти, фотографи и сценаристи. Прво целото шоу требало да биде напишано, исцртано во форма на сториборд (стрип) и за истото требало да биде изготвена и музика. Сликите биле бирани од постоечки архиви или биле специјално правени, а истовремено се креирале анимации и специјални ефекти. Во САД било формирано и посебно Здружение за презентации (Association for Multi-Image) кое ги вклучувало сите продуценти на вакви слајд-проекции. Во 1980 тоа броело над 5000 членови. Наа врвот на својата популарност, мулти-имиџ бизнисот вработувал повеќе од 20.000 луѓе, имал неколку фестивали и четири различни еснафски списанија. Во едно од нив е забележана изјава на некогашен комерцијален фотограф кој станал слајд продуцент (сега 77-годишен) кој во 1980-тите, запрашан за иднината на слајдовите, одговорил: „Може ќе станеме милијардери, а може и ќе го затвориме бизнисот за една година“.
Излегува дека не згрешил, иако сето тоа не се случило толку бргу. Последниот слајд проектор кој излегол од фабрика бил произведен во 2004. Внатрешноста на опаковката била потпишана од фабричките работници пред проекторот да биде предаден на музејот Смитсонијан. Биле прочитани говори и одржани здравици, но тогаш тие веќе звучеле како посмртни - Пауер Поинт-от веќе почнал да доминира, прегазувајќи ги претходните форми на презентации.