Пред „Барбенхајмер“ - кога премиери на филмски хитови се паѓаат во ист ден

Комбинацијата на два филма кои немаат ама баш ништо заедничко стана популарна на социјалните мрежи уште пред нивната официјална премиера. А сè почна со еден датум - 21 јули.

Не е необично големите студија да пуштаат филмови од различни жанрови во периоди кои се сметаат за поволни за таков потег, но големата разлика помеѓу интензивниот, сериозен филм за човекот кој учествувал во развојот на атомската бомба (Опенхајмер) и лесна „биографија“ на една детска кукла (Барби), бргу стана храна за социјалните мрежи. Беа создавани и кованици од насловите, како Барбихајмер, Барбехјамер или Бопенхајмер. Премиерата на обата филма се очекува на ист ден, 21 јули.

Од една страна ова е сон за секој маркетинг тим, а и предизвик за оние кои имаат намера да поминат 294 минути во гледање на двата филма, еден по друг (фрштат и совети со кој е подобро да се почне). Сепак, во историјата на филмот и претходно имало вакви случаи, иако можеби не толку екстремни (и не толку акцентирани во некогашното отсуство на социјалните мрежи).

Така на 31 март 1999 истовремено излегоа „Матрикс“ и „10 нешта кои ги мразам во врска со тебе“. На 15 јули 1988 „Умри машки“ и „Рибата наречена Ванда“. На 22 ноември 1995, Мартин Скорсезе го промовираше „Казино“, а пак Пиксар својот прв долгометражен, „Приказната за играчките“. Последниот пример покажа дека семеен филм кој се „натпреварува“ со оној кој може да го гледа само публика над одредена возраст секогаш победува, па оттаму може да се извлече лесен заклучок дека во најновиот случај Барби сигурно ќе го собере најдебелиот доларски кајмак. 

Примери во кои возраста или жанрот не биле одлучувачки фактор се „Блејд Ранер“ наспроти „Нештото“ (The Thing) чија премиера се случи на 25 јуни 1982, или „Гоустбастерс“ наспроти „Гремлини“ (8 јуни 1984). Сите беа успешни, потсетувајќи дека во шоу бизнисот има доволно пари и дека гледачите не мора да се одлучуваат по принципот црно-бело, туку дека истовремено може да им се допаднат две нешта. 

И ова важи не само за филмови, туку и за други области од шоу бизнисот. Во 2007 на ист ден излегоа „Кртис“ и „Граџуејшн“, третите албуми на 50 Цент и Кање Вест. На крај двата албума добија од ваквото преклопување, продавајќи се во над 600.000 копии во првата недела, што се немаше случено деценија и пол претходно. „Конкуренцијата“ беше потпалувана повторно од маркетинг причини, и тоа профункционира. 

Еве како би изгледала комбинација од „Барби“ и „Опенхајмер“ (да, до таму отиде работата да се смислуваат комбинирани трејлери)

19 јули 2023 - 10:18