„Правда“ е збор на годината според Меријам-Вебстер

Изминатата година овој збор бил во првите 20-30 пребарувања на сајтот на издавачот на познатите речници на англиски јазик. Расна, социјална, економска - сите овие биле во центарот на американската (и не само американската) дебата.

За речниците „Меријам Вебстер“ последен пат пишувавме како за најголеми тролови на Трамп на Твитер. Корегирајќи ја неговата синтакса и правопис, со соодветна доза иронија, речникот од скромни неколку илјади собра 750.000 следбеници, кои во меѓувреме учат и нешто за англискиот јазик.

Мотото на речникот е „Зборовите се важни“ (#WordsMatter). А таков, важен, е и оној на 2018. „Правда“ (justice) има различни значења - од такви поврзани со законите и правото, до филозофски концепти за правичноста. Поради голем број причини, во англиското говорно подрачје тој е еден од десетте најпребарувани изминатава година на сајтот merriam.webster.com.

Помеѓу останатите е „национализам“, чии пребарувања пораснале за 8.000% на 22 и 23 октомври откако претседателот Трамп на собир во Тексас изјавил: „Знаете, има еден збор, тој стана некако старомоден, гласи националист. И викаат не требало да се употребува. Знаете што сум? Јас сум националист, ок? Националист. Нема ништо лошо. Користете го тој збор. Користете го“.

Во април пак најпребаруван бил „пансексуален“, кога пејачката Џанел Монае за Ролинг стоун изјавила дека се чувствува како „пансексуалка“. Алтернатива на „бисексуалност“, овој термин се користи за опишување сексуална привлечност која не е ограничена на луѓе од одреден род или сексуална ориентација.

„Епифанија“ (просветлување), пак, на сајтот на Меријам-Вебстер не бил пребаруван заради верскиот празник Богојавление, туку заради тоа што е наслов на албум на BTS, позната корејска поп група која стана еден од најголемите нови феномени во САД (за нив види претходно тука).

Уште еден збор на „е“, „екселсиор“, беше пребаруван во ноември, кога почина Стен Ли, кому овој збор му беше мото. Со него ги завршуваше месечните колумни кои ги пишуваше за Марвел комикс, а од него беше барано и да го изговара на јавни собири. Тој на латински значи „повисоко“ и е етимолошки поврзан со „ексел“ и „екселент“.

А еве што вели дигиталниот речник на македонски јазик за зборот „правда“: „Тоа што секому му припаѓа според определен закон или заслуга“ и - „ТОА ШТО ОДГОВАРА НА СТВАРНОСТА“. Со оглед на тоа колку нема правда во стварноста, можеби обратната дефиниција би била поточна: нешто што е ретко, и различно од неа.

17 декември 2018 - 19:18